„Водно е заштитено подрачје и како такво треба да се третира од страна на државата“, категорични се екологистите.
Освен Законот за заштита на природата од 2004 година, во чијшто член 184 децидно стои: „Заштитените подрачја заштитени пред денот на влегување во сила на овој закон, како природни реткости, продолжуваат да ја уживаат заштитата на заштитени подрачја согласно со одредбите на овој закон“, од кој што еден примерок понудија да му го подарат на заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули поради неговата изјава, дадена на јавната дебата за гасоводот преку Водно дека Водно за голема жал, не е заштитено, тие ги посочуваат и двата документа, од 1976 и 1991 година, на кои се однесува спомнатиот член, со кои планината Водно била прогласена за парк-шума и бил уреден начинот на нејзината заштита.
Во членот 1 од документот од 1976 година стои дека планината Водно се прогласува за градски парк-шума и се наведува во кои граници се заштитува: „Како градски парк-шума се става следново подрачје на планина Водно: од хидрицентралата Матка, по текот на реката Треска до устието во реката Вардар, јужната граница на град Скопје со населбите: Трнодол, Козле, Капиштец, Пржино и Кисела Вода по патот Сопиште-Пржино, потоа по кружниот пат кој ги поврзува населените места Св.Петка, Чифлик, Горно Соње, Долно Соње, Ракотинци и Сопиште“.
Во одлуката, пак од 1991 година на тогашното Собрание на Град Скопје, се попрецизно дадени границите на заштитеното подрачје парк-шума Водно, со детално наведените катастарски парцели каде таа граница се простира. И во двата документа се дадени главно истите забрани за постапување со Водно – се забранува сечење, кршење, откорнување, собирање и уништување на растителниот свет, потоа се забранува убивање, прогонување и вознемирување на животинските видови, како и подигање на објекти во границите на заштитеното подрачје, „освен јавни и општествени објекти кои нема да го нарушат интегритетот односно природниот изглед на планината“.
Според екологистите, со одлуката за изградба на гасоводот преку Водно и проектите кои беа почнати пред него, државните институции со години свесно ги игнорираат овие факти, а уништувањето на планината се толерира со образложение дека не е завршена ревалоризацијата на подрачјето на парк-шумата која треба да биде заштитено, што е обврска што произлегува од веќе спомнатиот Закон за заштита на природата.
„Се уште не сме добиле одговор од надлежните институции со кој акт, ако тој воопшто постои, е донесена одлука да престане заштитата на Водно“, вели Андреа Јанков од „Го сакам Водно“ и прашува: „Ако Водно е незаштитено, кој е за тоа виновен?“
Иако во повеќе наврати побаравме средба со заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули за да разговараме на темава, од неговиот кабинет се уште нема никаков одговор.
Откако беше најавено дека еко-активистите на „Го сакам Водно“ со жив ѕид ќе го бранат Водно од багерите кои ја градат гасоводната траса, Владата на својата седница од 22 август го задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање да изготви предлог закон за заштита на Водно во рок од 30 дена.
Извор: МЕТА