Кој пее и игра, зло (не)мисли!

Кој пее и игра, зло (не)мисли!

Пишува: Зоран Милошески

Во оваа наша „држава во обид“, можеш да правиш што сакаш. Само не смееш да бидеш успешен и ни случајно не смее да ти падне на памет да манифестираш среќа и позитивна енергија. Тоа, не. Оти, се’ ќе ти простат, ама успехот и среќата – никако!

Ако се обидеш да се издигнеш над жабокречината, над просечноста и калта, тоа ќе ти го земат за врвен грев! Не што нема да ти подадат рака или да ти понудат скала да се искачиш повисоко, туку ќе те повлечат надолу, во живиот песок. Ако треба ќе потонат заедно со тебе, ама да ја победиш просечноста – не даваат. Тоа, мало морген! Онаа народната, дека никој не станал пророк во сопственото село, кажана е не од гаталец, туку од паталец, од искуство и од мака.

Изгледа како во ова парче земја на кое живееме, само тагата и несреќата да се дозволени. И, очигледно, така било навек. Земете ги за пример македонските народни песни и се’ ќе ви биде јасно. Песна за љубов, за среќна љубов, ни за лек. Се’ црнила до црнила: го оставила, заминала со друг, тој заминал на печалба, таму починал, не се вратил, се вратил ама ја фатил со комшијата… После ќе се чудиме зошто сме такви какви што сме, па во сечија добра мисла, бараме скриена намера. Дури и во песната и играта.

Сеуште се свежи сеќавањата на предизвикот и храброста на членките на прилепскиот Форум на жени на СДСМ, кои се осмелија да заиграат во ритамот на „Јерусалема“. Го скршија мразот и први во државата се обидоа да го направат она што беше тренд во многу земји во светот: автентично, на свој начин, преку познатите ноти да им искажат поддршка на здравствените работници во нивната борба за справување со коронавирусот. Без намера да бидат пандан на „Локици“ или да демонстрираат танчерско-музички квалитети. Нивната единствена цел беше да ја пренесат пораката на поддршка. Толку.

Арно ама… Што им се случи, виде целата македонска јавност: ги распнаа на крст, да можеа, ќе ги запалеа на клада. Гнасотилаците кои со денови беа испорачувани на нивна сметка, не се ни за присет.

Некоја недела подоцна, група вработени во „Уни Банка“ го направија истото што и прилепчанки. Со тоа што тие поминаа малку помалку лошо, само затоа што ја имаа среќата да бидат втори. Бидејќи „обвинителите и судиите“, пизмата веќе ја беа потрошиле.

И конечно, деновиве, на слична тема како во двата претходни случаја, на судот на јавноста беа изложени здравствени работници, кои од првиот ден на пристигнување на пандемијата, застанаа на браникот на здравјето и животите на граѓаните. Зошто? Затоа што Денис Јанкуловски и неговите колеги се позитивни луѓе, преполни со љубов за другите луѓе. Затоа што во 15-месечното лудило наречено „ковид-19“, кое илјадници  на нашата земја ги однесе во смрт а десетпати поголем број ги доведе на работ од бездната, Денис Јанкуловски беше и е ѕвезда водилка која ни го осветлува патот. Човек кој ни го обојува сивилото, кој ни ја чува надежта дека еден ден, сепак, повторно ќе живееме нормален живот. Човечки живот.

Ама ете и тој не им се бендиса на “пресветите“ Мицкоски и Николоски, кои и нему му најдоа мана. Не им се бендиса видеото кое изминативе денови „парче“ прави на социјалните мрежи, а во кое се гледаат здравствени работници на чело со Денис Јанкуловски „Космонаутко“, како во пунктот за вакцинација во А1 Арената „Борис Трајковски“, играат и пеат на „Вакцина“, новиот хит на Дац и Александар Митевски .

Не само што на партиска „игранка“ одржана некаде на периферијата на Скопје, претседателот на ДПМНЕ ја осуди песната која за него била „дно“, туку искажа срам од, како што го нарече „тоа трагично и примитивно оро што го играа здравствените работници“. А за да не падне пониско од „шефот“ и да се изгреби кај него, со исто толку гнасна реакција излезе и Александар Николоски, кој постапката на здравствените работници ја нарече „полошо од допирање на дното“.

Политичари, лидери на политичка партија, не смеат да си дозволат таков „луксуз“ јавно да ги омаловажуваат „обичните“ граѓани и да им судат за нивните постапки. Особено не кога станува збор за такви кои манифестираат храброст, одважност, позитивна енергија, емпатија, луѓе какви што во овие тешки денови насушно ни се потребни.

Политичките лидери се тие кои треба да ги поддржуваат и охрабруваат, а не да ги демотивираат граѓаните во разубавувањето на грдото секојдневие. Тие ја имаат обврската да ја сменат перцепцијата дека сме злобен и завидлив народ, дека секој од нас на другиот јама му копа, дека само туѓата несреќа не’ прави среќни. Или, како што во еден мој скорешен фејсбук статус напишав:

Да бидиш сиромав. Отепан сиромав. Леб да немаш да јадиш. Да си задолжен по сите маалски самопослуги, од кои купуваш само брашно и масло. Колку да замесиш лепче за празник. Да ти е исклучена струјата, оти и сијалицата која свети е преголем трошок за твојот семеен буџет. Дечињата на училиште да ти одат со изветвени пантолони, искинати патичиња и позајмена вентијага. Да се срамат да ги поканат другарчињата во својот дом, оти во мрачната соба со ѕидови поцрнети од влага, нема кај да седнат. Наместо пријатели, извршители да ти тропаат на врата. Да и’ се радуваш на ноќта, оти утрото ти носи нови грижи. Да си несреќен до болка. Болен до смрт. Ама не и мртов, оти тогаш не ќе можат да те газат и да ти се ситат . И да те презираат оти си сиромав. Ете таков треба да бидиш во оваа наша вукојебина од држава и мизерија од народ. За да не те мразат и да не ти завидуваат!    

Наместо тоа, лајтмотив нека ни бидат зборовите на Денис „Космонаутко“, кажани како одговор на небулозните напади кон него и неговите колеги, здравствени работници:

„А јас……јас и понатаму продолжувам со она што го работам и ќе го работам на истиот начин како знам и умеам, комбинација од работа, музика, песна, насмевки, расположение и многу љубов. Затоа што здравјето е токму таа комбинација. Здравјето на моите роднини, комшии, пријатели, познати и непознати, сограѓани. Тие ми се пред се’!!!“.

Прочитајте повеќе

СДСМ: ДПМНЕ сака да не врати назад во времето на Хунзите и „Скопје 2014“

СДСМ: ДПМНЕ сака да не врати назад во времето на Хунзите и „Скопје 2014“

Соопштение за јавност на СДСМ Ништо не е променето во ДПМНЕ. На митинзите на ДПМНЕ …