Кој плаќал за лобирањето на Ишингер во Германија?

Кој плаќал за лобирањето на Ишингер во Германија?

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски за ДВ вели дека првпат слуша оти германскиот дипломат Волфганг Ишингер лобирал за неговата партија и ја организирал посетата на Берлин во 2016.

Дали поранешниот германски дипломат и прв човек на Минхенската безбедносна конференција Волфганг Ишингер бил лобист на ВМРО-ДПМНЕ, кој ја организирал посетата на тогашниот премиер Никола Груевски и неговите најблиски соработници на Берлин во 2016 година, колку средства се платени и од каде – ова се само дел од дилемите коишто се наметнаа по истражувањето коешто го објави германскиот магазин Шпигел. Во документите се споменува  фирмата „Агора“ на Волфганг Ишингер која во 2016 година му организирала посета на Груевски на Берлин. Но, тајна е колку било платено за тоа.

Како што објави германскиот магазин, Волфганг Ишингер како шеф на Минхенската безбедносна конференција и искусен дипломат со бројни контакти ширум светот, ја проширил својата улога, па освен организирањето на конференцијата на која доаѓаат водечки политичари од светот, преку неговата ПР фирма „Агора-Стратеџи груп” вршел лобирање за секој кој е подготвен да ги плати услугите.

„Првпат слушам за вакво нешто“, вели Александар Николовски, актуелниот потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, кој во улога на тогашен меѓународен секретар на партијата учествувал на средбите во Берлин.

Тој за ДВ вели дека станувало збор за партиска посета, а во делегацијата покрај него и Груевски, бил и тогашниот вицепремиер и министер за здравство, Никола Тодоров.

„Колку што се сеќавам, со оглед на тоа дека посетата беше пред речиси шест години, имавме средби со Кристијан Шмит, кој сега е висок преставник во Босна и Херцеговина, а тогаш беше министер за земјоделство. Точно е дека меѓу другото имавме средба и со Волфганг Ишингер, како и посета на Бундестагот“, вели Николовски. Но, тој додава дека не е запознат дека некој плаќал за таквите средби и за лобирање преку ПР агенција.

„Не сум имал никаков допир до такви информации, ако тие биле меѓусебно договарани, јас за тоа не знам“, вели Николовски. И други функционери на ВМРО-ДПМНЕ од тој период со кои контактираше ДВ, велат дека не знаат детали за организацијата на посетата, ниту пак, дали фирмата на Ишингер лобирала за Груевски или нивната партија и кој го плаќал тоа.

– Отворени врати за автократот: Шефот на Минхенската безбедносна конференција лобирал за Груевски

Посетата на Груевски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ се организирала во период кога тогашниот премиер беше под жесток притисок да замине од функцијата поради објавувањето на ткн. „бомби“ од страна на опозицијата, како и на три месеци пред парламентарните избори. Официјалната германска политика беше многу критична кон неговото владеење, а во критиките предничеа функционерите на СПД. Груевски во Берлин претежно се среќавал со функционери и пратеници на втората владејачка партија- ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел, и на нејзината сестринска партија ЦСУ, со кои ВМРО-ДПМНЕ негува блиски контакти.

Во март 2021 година, магазинот Шпигел откри дека пратеникот на ЦСУ, Тобијас Цех исто така лобирал за Груевски и ВМРО-ДПМНЕ при неговите посети во 2016 година. Цех за таа услуга од ВМРО-ДПМНЕ наплатил 50.000 евра. Неколку дена подоцна Цех поднесе оставка на функцијата пратеник по голем притисок од јавноста поради постоење на судир на интереси.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Ковачевски: Нашата борба за европска Македонија продолжува, никогаш нема да се откажеме од европската иднина

Ковачевски: Нашата борба за европска Македонија продолжува, никогаш нема да се откажеме од европската иднина

Денес е тежок удар за европската перспектива, но, се уште не е доцна да се …