Колку чинат ЗОИ 2026 и дали е потребен нов модел?

Колку чинат ЗОИ 2026 и дали е потребен нов модел?

Подготовките за Зимските олимписки игри 2026 во Милано и Кортина во Италија беа далеку од идеални. Изградбата на лизгалиштeто доцнеше, проблемите се редеа еден по друг, а боб-стазата предизвика контроверзии уште од самиот почеток. Историјата покажува дека бројни домаќини на Зимските олимписки игри се соочиле со истите предизвици – задоцнета инфраструктура и експлодирачки трошоци. Но некои експерти сметаат дека токму 2026 година може да стане пресвртница.

„Искрено, ова е неоправдливо, особено за нешто како мултифункционална арена”, вели за ДВ економистот Виктор Матесон, мислејќи на доцнењето со изградбата на лизгалиштeто.

„Можеби е разбирливо ако станува збор за специјализирани објекти изградени исклучиво за Олимписките игри. Но од економска гледна точка, ако немате голема затворена сала за хокеј, тогаш веројатно воопшто не требало ни да се кандидирате за домаќин.”

Матесон е професор по економија на Колеџот „Холи Крос” во Ворчестер, Масачусетс, и се занимава со истражување на економските ефекти од големите спортски настани.

Проценетиот буџет за ЗОИ 2026 надминува три милијарди евра, а одредени анализи предвидуваат дека економскиот ефект би можел да достигне околу пет милијарди – преку туризам, инфраструктура и раст на инвестиции. Но тоа останува само проценка.

Историјата покажува дека премногу Олимписки игри се соочуваат со ист синдром: скапо изградени стадиони и објекти кои подоцна остануваат неупотребени. Прашањето дали воопшто е исплатливо да се биде домаќин се поставува одамна, но можеби 2026 е година кога ова прашање конечно треба сериозно да се отвори.

Дали е исплатливо да се биде домаќин на Олимписките игри?

„Граѓаните и даночните обврзници во градовите-домаќини често велат дека Олимписките игри се забавни, но не сакаат да плаќаат за туѓа забава”, објаснува Матесон.

Недостатокот на локална поддршка значи дека земји во кои граѓаните имаат мало или никакво политичко влијание често се во подобра позиција да добијат организација – за разлика од демократските држави. Така МОК во изборот за последните Зимски игри се двоумеше меѓу Пекинг и Алмати. Слични примери се гледаат и кај ФИФА:  Светските првенства  ги добија  Катар  и Русија, а во 2034 година домаќин ќе биде Саудиска Арабија.

Меѓународниот олимписки комитет е непрофитна организација и 90% од приходите се враќаат во спортски развој, вклучувајќи поддршка за градовите-домаќини. Во 2018 година МОК најави дека ќе обезбеди 925 милиони долари за Милано–Кортина, нешто помалку од средствата доделени на  Пекинг 2022. Но и покрај ова, МOK и понатаму зависи од волјата и капацитетите на земјите-домаќини.

„Целата Агенда 2020, која промовира ‘одржлив олимиписки модел’, не беше чин на алтруизам, туку делумно и обид за самоодржување на системот”, вели Матесон.

„Необично е колку малку луѓе сфаќаат дека МОК всушност нема сопствени средства за организирање на игрите. Тој поседува само историја, бренд и олимписките кругови. Му се потребни посветени партнери за да може да биде домаќин на Игрите.”

Локални предизвици и можни решенија

Во случајот со Милано–Кортина, партнерството со МОК не помина без несогласувања.

„Важно е да се напомене дека најголемиот дел од проблемите произлегуваат од локалниот организациски комитет, а не од МОК”, истакнува Матесон. Тој додава дека МОК дури предложил некои натпревари да се преместат на постојни патеки во Швајцарија наместо да се инвестира во нова боб-стаза. Но локалните власти не го прифатиле предлогот.

Зборува Кејси Васерман, претседател на Организацискиот комитет на Олимписките игри во Лос Анџелес 2028 година
Лос Анџелес ќе биде домаќин на следните Летни олимписки игри. Можат ли да ги намалат трошоците и влијанието врз животната средина?

Едно од најчесто споменуваните решенија последните дваесет години е систем со ротирачки домаќини. Тоа би ги намалило трошоците и би ја зголемило искористеноста на објектите. Но изборот на тие домаќини може да биде политички многу сложен.

„Што ако една од земјите-домаќини со години важи за демократска, а потоа се сврти кон авторитаризам?”, прашува Матесон.

Иако вакви промени не се очекуваат во блиска иднина, моделот на повеќедржавни домаќини – како ФИФА на Светските првенства – би можел да го намали трошочниот притисок, да го подели ризикот и да овозможи подолга употреба на спортската инфраструктура.

Матесон е особено импресиониран од примерот на Лос Анџелес, кој ги подготвува Летните олимписки игри 2028 преку максимално користење на постоечката инфраструктура.

„Преселувањето на софтболот во Оклахома е одличен чекор. Тоа ги намалува трошоците, го зголемува пристапот за навивачите и ги зголемува приходите, бидејќи натпреварите се одржуваат таму каде што има голема побарувачка”, вели тој.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

рек битола ЕСМ

СДСМ: Новиот директор на РЕК Битола – уште една алка од бизнис шемата на Мицкоски

Соопштение за јавност на СДСМ Назначувањето на пензионерот Иван Куковски за директор на РЕК Битола …