Неисполнување на хигиенските услови, неизвршени здравствени прегледи на вработените во кујните, ненаправена дезинфекција, се меѓу пропустите кои изминатиов период инспекторите ги открија во кујни низ старски домови, игротеки, училишта и градинки. Во некои училишта во контрола одат и родители за да ја пробаат храната и да дадат забелешки.
„Секогаш кога одевме, беше поминато времето за јадење… Татко ми ништо конкретно не се пожалил, но се случувало, пример, да најдеме во неговата соба колачиња кои се тврди како да стоеле отворени повеќе денови што тој не може ни да ги јаде. Кога го прашувавме, велеше ми ги оставија, ама не можам да тврдам дали му ги дале од домот или некој од другите што како него беа сместени таму“.
Со овие зборови скопјанката Пале се сеќава за нејзиното искуството со старските домови, каде биле сместени нејзините татко и брат.
Нејзиното незадоволство се должи генерално на грижата што ја добивале нејзините блиски додека, како што нагласува, конкретно за храната не може да каже многу бидејќи секогаш посетите им биле после термините за ручек.
Колку е безбедна храната, пак, беше цел на неодамнешните вонредни контроли на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во кои беа опфатени 41 дом за стари лица.
„Со спроведените контроли утврдени се недоследности кои се однесувале на замастени работни површини, неправилна селекција на храна, разладни уреди неселектирани и неуредни, несоодветно чување на храната, неводење на записи за температура, за чистење и дезинфекција на просторијата, приборот и опремата за работа и други“, се примерите кои ги посочуваат од АХВ во одговорот до Радио Слободна Европа за тоа какви состојби затекнале кај дел од домовите.
Никој од лицата сместени во домовите или нивните семејства не пријавил проблем со храната во АХВ, но сепак проверките биле направени по налог за вонредни инспекции.
Меѓу другото, инспекторите утврдија дека 14 од домовите воопшто и не биле регистрирани како оператори за храна.
Од почетокот на годинава инспекторите влегле и во 167 кујни во училишта и градинки за да ја проверат безбедноста на храната за децата, а билансот од нив бил дваесетина издадени налози за отстранување на недоследности.
„Технички пропуст“ кај нерегистрираните домови
Дали домот каде биле сместени таткото и братот на Пале, кој се наоѓа во Скопје, но и кои други биле опфатени во последната вонредна контрола, од АХВ не откриваат. Како ниту имињата на другите старски домови каде што има нерегуларности со храната.
И домовите и секое друго физичко и правно лице кое работи со храна – произведува, врши угостителска дејност, транспорт, складирање и продажба, треба да се регистрира како оператор со храна во Агенцијата која води и посебен регистар за овие објекти, предвидува Законот за безбедност на храната.
Тоа што 14 домови или една третина од контролираните 41 не се регистрирале, според АХВ веројатно се должи на „технички пропуст“.
„Кујните во домовите за стари лица, кои се регистрирани во Агенцијата, согласно расположливиот капацитет на инспектори, редовно се контролирани. Останатите, веројатно поради технички пропуст, не се регистрирале во АХВ. Поради специфичноста на дејноста, на операторите им се издадени решенија со наредба за регистрација во најкраток временски рок“, велат од АХВ за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Од Агенцијата немаат податок колку време овие домови работеле без да се регистрираат како оператори со храна. Исто така, не посочуваат и дали некои од нив и претходно веќе биле фатени како нерегистрирани оператори со храна бидејќи, повикувајќи се на Законот за инспекциски надзор, велат дека тоа може да се увиди „само со организирање работни налози за спроведување вонредни контроли“.
Оваа вонредна контрола, кога беа откриени 14-те домови, беше извршена од 29 до 31 октомври.
Кај пет од останатите контролирани домови, пак, биле запленети и уништени 40 килограми небезбедна храна.
Во рамки на оваа акција инспекторите изрекле 18 казни за операторите и издале 16 наредби за отстранување на недоследности – од кои кај четири домови тие се однесувале на хигиенските услови, а кај три за правење здравствени прегледи на вработените кои се задолжителни, но не биле направени.
Извор: РСЕ