Според локалното Министерство за здравство, кое е под контрола на Хамас, во војната досега загинале повеќе од 50 илјади лица. Овие податоци не може независно да бидат потврдени, но ООН сметаат дека се во голема мера веродостојни.
Протести против Хамас
Според анализа на весникот „Ал Хајат ал Џадида“, кој е близок до палестинските автономни власти, јасно е дека Хамас под притисок на долготрајната војна мора да реагира. Зголемената подготвеност за компромис веројатно е и последица на сѐ почестите протести на граѓаните во Газа, кои секојдневно бараат оставка од Хамас. „Овие протести јасно го изразуваат отфрлањето на власта на Хамас од страна на населението“, наведува весникот. Исто така се шпекулира дека владата во Техеран наскоро би можела да се откаже од своите сојузници на Блискиот Исток – вклучувајќи ја и Хамас – како дел од преговорите со САД. Доколку Хамас навистина се откаже од власта, би се ставил крај на долгиот период на непроменето политичко владеење во Појасот Газа. Уште во 2005та година, тогашниот израелски премиер Ариел Шарон нареди повлекување на израелската војска и на израелските доселеници од Појасот Газа. Веќе следната година Хамас освои мнозинство на парламентарните избори на палестинските територии и набрзо потоа се согласи да влезе во заедничка влада со ривалското движење Фатах, кое во суштина ги контролира палестинските автономни власти.

Коалицијата пропадна по само неколку месеци. Вооружените сили на Хамас во 2007ма година го нападнаа седиштето на Фатах и ја презедоа целосната контрола над Газа. Хамас од тогаш речиси непречено владее со Појасот Газа.
Клучно прашање е разоружувањето на Хамас
Дали моќта на Хамас сега е сериозно загрозена? Политичкиот аналитичар Питер Линтл од Берлинската фондација за наука и политика во Берлин, кој го проучува конфликтот на Блискиот Исток, се сомнева дека наскоро би можел да се случи доброволен и суштински трансфер на власта од страна на Хамас. Вистинската пречка според него е демилитаризацијата што ја бара Израел. Линтл и покрај тоа може да си замисли дека Хамас е подготвена да се откаже од директното политичко управување во Појасот Газа во корист на технократска влада. „Но, имам сомнежи дека Хамас би се согласила на свое разоружување. А тогаш се поставува прашањето кој би се грижел за внатрешната и надворешната безбедност доколку Хамас остане вооружена. Организацијата веројатно би била посилна од која било друга вооружена сила“, вели експертот за Блискиот Исток во разговор со ДВ. Според него, од тие причини е малку веројатно дека Израел би се согласил.
Маркус Шнајдер, директор на Регионалниот проект за мир и безбедност на Блискиот Исток при фондацијата Фридрих Еберт во Бејрут смета дека е теориски можно Хамас да ја напушти Газа, но не е јасно кој би ја заменил. „Во самата Газа нема вистинска алтернатива“, вели Шнајдер и додава дека „единствената можна опција би биле палестинските автономни власти, но Израел ги блокира веќе година и половина“.

Шнајдер за ДВ вели дека „се заборава оти Појасот Газа и Западниот Брег формираат политички ентитет. Долгорочно е тешко замисливо тие да бидат управувани од одделни власти“.
Тешко замисливи алтернативи
Како би можела да изгледа алтернатива за Хамас е тешко да се замисли, смета и Линтл. Можеби под друга израелска влада би бил можен компромис, вели тој и додава дека „сегашната израелска влада е против палестинската самоуправа и јасно е против израелското повлекување од Газа“. Делови од актуелната влада заговараат повторно населување на Газа или барем воспоставување на големи постојани израелски безбедносни зони. Сегашната тампон зона веќе зафаќа околу 30 отсто од територијата на Газа, посочува Линтл. За него е незамисливо сегашната израелска влада да се согласи на каква било нова форма на палестинска самоуправа по евентуално повлекување на Хамас. Маркус Шнајдер од фондацијата Фридрих Еберт оценува дека „со оглед на израелската политика во изминатата година и половина, јасно е дека Израел не е заинтересиран за формирање на каква било нова палестинска политичка структура во Газа – без оглед на тоа кој би бил во неа. Од почетокот на војната било можно да се разговара и со алтернативните сили, но на Израел очигледно не му е дојдено до политичка алтернатива.