Иако актуелните настани на Блискиот Исток создаваат загриженост на глобалните енергетски пазари, нивниот директен инфлаторен ефект врз македонската економија најверојатно ќе биде умерен — освен ако не дојде до екстремно и долготрајно нарушување на глобалното снабдување со нафта. Ова е заклучокот на најновото истражување на Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“, посветено на ефектите од глобалниот нафтен шок врз домашната економија.
Умерен инфлаторен ризик, но потреба од внимателни политики
Во истражувањето се укажува дека економските политики треба внимателно да го следат развојот на глобалните енергетски пазари и потенцијалниот пренос на ценовните шокови во Македонија.
„Иако актуелниот нафтен шок најверојатно нема да создаде силен непосреден инфлаторен удар, во случај на екстремно и нагло зголемување на цената на нафтата, потребно е Владата да биде подготвена да реагира“, наведуваат од „Фајнанс тинк“.
Како најсоодветен инструмент за ублажување на можниот ценовен удар, институтот го посочува механизмот на привремена интервенција во даночно-акцизната структура на горивата. На овој начин би се амортизирал дел од глобалниот ценовен шок врз домаќинствата и компаниите. Ваквата интервенција треба да биде временски ограничена и внимателно дизајнирана за да се зачува фискалната стабилност и да се избегне нарушување на пазарните сигнали на подолг рок.

Клучни наоди од анализата
Анализата констатира дека иако глобалните нафтени шокови се пренесуваат во македонската економија, ефектот врз општото ценовно ниво генерално останува умерен.
Клучниот наод е дека 10% пораст на цената на нафтата доведува до околу 0,1% пораст на општото ценовно ниво на краток рок. Тоа значи дека дури и релативно голем нафтен шок има ограничен, непосреден и брз ефект врз инфлацијата.
На подолг рок ефектот може да биде поизразен — од 0,25 до 1,65 процентни поени при перманентен пораст на цената на нафтата од 10%, поради постепено прелевање на енергетските трошоци во транспортот, производството и услугите. За да се создаде силен и траен инфлаторен притисок, потребен е исклучително голем и долготраен раст на цената на нафтата — сценарио кое економски е можно, но, според анализата, е релативно малку веројатно.
Премиерот Христијан Мицкоски деновиве изјави дека Македонија во моментов има најниски цени на горивата и најниска инфлација во регионот, поради што не гледа потреба од прогласување кризна состојба.
Предлози за антикризни мерки
Од опозициската СДСМ предложија конкретни антикризни мерки, а идеи за справување со ценовните притисоци понудија и од ДУИ. Тие предлагаат: воведување максимални цени на основните прехранбени производи, ограничување на трговските маржи и намалување на ДДВ за основните производи за период од три месеци.
„Животниот стандард на семејствата секојдневно се влошува поради растот на цените и недоволната институционална реакција“, велат од партијата.
Од ДУИ бараат и ревизија на царинските податоци за увоз на овошје и зеленчук, како и засилени инспекциски контроли за спречување шпекулации со цените. Кон Регулаторната комисија за енергетика упатуваат апел за почеста ревизија на цените на нафтените деривати, имајќи предвид дека на меѓународните берзи веќе има намалување.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место