Комисијата пред одлука - ќе паднат ли маските на отворено?

Комисијата пред одлука – ќе паднат ли маските на отворено?

Комисијата за заразни болести ќе ја разгледа можноста за укинување на полицискиот час и дополнително олабавување на мерките против Ковид-19.

Комисијата за заразни болести денеска ќе ја разгледа можноста за дополнително олабавување на мерките против Ковид-19. Се очекува да се донесе одлука за укинување на полицискиот час којшто е на сила, како и укинување на наредбата за носењето маски на отворено. Заменикот министер за здравство Илир Хасани, кој е член на комисијата, вели дека со оглед на тоа што епидемијата стивнува, треба да се укине полицискиот час, како и обврската за носење маски на отворено.

„Мојот став е да ги укинеме маските на отворено. И за полицискиот час мислам дека е време да се размисли во таа насока. Мојот конечен став е за прекинување на полицискиот час, сепак Комисијата за заразни болести ќе донесе одлука заснована врз општата епидемиолошка состојба, нивните параметри, врз основа на прогнозите и врз основа на информациите што ги имаме за другите видови на вируси, како и според потенцијалниот ризик“, изјави вчера Хасани. Тој најавува дека постепено ќе се носат одлуки и за организирањето разни собири.

„Нема да има брзо враќање во дискотеките и брзо дозволување на свадби какви што имавме порано. Но, секако дека ќе има бавно враќање на големите семинари, на свадбите и слично“, додава тој.

Комисијата за заразни болести ќе донесе одлука врз основа на целокупната епидемиолошка ситуација, врз основа на предвидувањата и информациите коишто ги има во однос на другите соеви коишто се потенцијален ризик за земјата, како што е на пример индискиот сој и други.

Според извештаите на Министерството за здравство вкупно 249 пациенти се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјата. Во последните 24 часа се регистрирани 53 нови случаи со Ковид- 19. Вкупно оздравеле 111 пациенти, а починале 13 лица. Поради намалениот број на заразени лица, болниците затворија дел од капацитетите во кои беа сместени ковид-пациенти. Но, бројот на починати лица и натаму е висок. Според Хасани, во моментот во болниците се најтешко болните, оние кои имаат пролонгирана болест и се изложени на голем процент на смртност.

„Генерално, мислам дека се очекувани бројките на починати да се намалуваат за две до три, можеби и четири недели од намалувањето на бројката на новозаболени“, изјави заменик-минисерот за здравство.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Камери Безбеден град

„Безбеден град“ официјално ќе започне да функционира од февруари идната година

Системот за санкционирање на сообраќајни прекршоци „Безбеден град“ официјално ќе започне да функционира од февруари …