Со три нови сензори, поставени на локации во Битола – Баир, Бадембали и Декорплод, кои се донација на компанијата „Кромберг и Шуберт“ се комплетира независната мрежа на седум сензори за мерење на загаденоста на воздухот во овој град на неодамна основаната Платформа „Земи здив“, граѓанско здружение, кое го следи квалитетот на амбиенталниот воздух во Битола и нејзината околина преку поставените „Ерли“ сензори.
Сензорите ги мерат концентрациите на штетните честички ПМ-1, ПМ-2,5 и ПМ-10, како и CAQI индексот на загадување, кој е покомплексен од досега применуваниот AQI и кој е прифатен од преку 100 града во Европа, како што покажува официјалната веб-страница за мерење на квалитетот на амбиенталниот водух на ЕУ, airqualitynow.eu .
„Земи здив обединува пет граѓански иницијативи: Центарот за европски развој и интеграција, Младинска асоцијација „ИМКА“, „Сфера Македонија“, „Геосфера ГЕОСФЕРА“ и „Јасмин“ – Здружение на граѓани за советување поддршка на лица со карцином или лица кои се излечиле.
Тие најавуваат дека со поставената мрежа во реално веме ќе го мониторираат квалитетот на амбиенталниот воздух, ќе објавуваат извештаи за квалитетот на воздухот и ќе работат на подигањето на јавната свест, на идентификација на загадувачите и ќе предлагаат конкретни мерки за решавање на проблемот со аерозагадувањето.
И, додека официјалниот став на Министерството за животна средина и просторно планирање и натаму е дека „Ерли“ и другите сензори за мерење на аерозагадувањето не генерираат релевантни податоци поради „висок степен на недоверливост во мерењата“, од платформата „Земи здив“ тврдат дека овие сензори работат според официјални стандарди на ЕУ и со релевантна технологија.
„Се работи за прецизни и референтни уреди кои можат да имаат најмногу два до три проценти отстапувања“ објаснува за „Мета“, Драган Вељанов од платформата „Земи здив“.
Според Вељанов, не се работи за некаква мрежа за мониторинг која е конкуренција на државните мерни станици, од кои дел со месеци не се во функција, туку таа е замислена да биде своевидно дополнување на нивната работа. Вакви независни мрежи на сензори кои го следат во реално време аерозагадувањето има низ цела Европа. Вељанов најави изработка на независна студија за квалитет на воздухот во соработка со Техничкиот факултет од Варшава.
Извор: МЕТА