Со средства од општина Битола во висина од 27.000 евра се вршат реконструктивни зафати во Техничкото училиште во Битола. Во тек е замена на сите флуоресцентни светилки во училиштето со ЛЕД светилки со што во голема мера ќе се намалат трошоците за електрична енергија. Исто така во изминатите денови се поставени лед рефлектори на источната и јужната страна од училиштето со што во целост е осветлен целиот простор околу училиштето. Во поставувањето на овие рефлектори помогна ЈП „Комуналец“ – Битола.
-Завршија јавните набавки за бојадисување на 24 училници, кабинети и спортската сала, реконструкција на скалите на главниот влез во училиштето и промена на сите флуоресцентни светилки, а во тек е јавната набавка за реконструкција на службените тоалети, изградба на тоалет за инвалидизирани лица како и за прередување, стружење, обележување и лакирање на паркетот во спортската сала. Во припрема е и јавната набавка за реконструкција на спортските терени во училиштето кои треба да бидат готови до почетокот на следната учебна година. Во следниот период ќе следи замена на подот и вратите во сите училници, бојадисување на ходниците, работилниците и административните простории како и комплетно опремување на 4 кабинети по информатика со компјутери и компјутерска опрема. За сите овие реконструктивни зафати општина Битола обезбеди 250.000 евра. Од почетокот на 2018 година до сега во училиштето од разни донации и со средства од општината се вложени повеќе од 400.000 евра и претставуваат најголеми вложувања од кога е изградено училиштето. Во план ни е уште нова фасада како би добиле енергетски ефикасен објект со што во целост ќе се заокружи процесот на реконструкција на училиштето, рече директорот Владимир Роме.