Конгресот на САД побара од бугарскиот амбасадор во Вашингтон да се тргне ветото за преговори на Македонија со ЕУ

Се надеваме дека ќе ги ставите разликите настрана и ќе поддржите целосна политичка интеграција на Северна Македонија и Албанија во ЕУ, му напишаа конгресмените на бугарскиот амбасадор во Америка

Конгресмени од Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом на САД испратија писмо до бугарскиот амбасадор во Вашингтон Тихомир Стојчев, од кого побараа да се реши билатералниот спор со Северна Македонија, за да може државата да ги почне преговорите со Европската Унија до крајот на годината.

„Се надеваме дека ќе ги ставите разликите настрана и ќе поддржите целосна политичка интеграција на Северна Македонија и Албанија во Европската Унија“, се вели во писмото на двопартиската конгресна група.

До крајот на годината ЕУ да закаже датум за преговори со Северна Македонија, повторно рече Габриел Ескобар од Стејт департментот

Членовите на Конгресот, меѓу кои демократскиот конгресмен од Масачусетс Бил Китинг и републиканската конгресменка од Њујорк Клаудија Тени, напишаа дека се свесни оти „покрај тоа што Северна Македонија и Албанија ги исполнија условите да ги почнат пристапните преговори со Европската Унија, останува спорот меѓу вашата држава и Северна Македонија, што ги спречува Албанија и Северна Македонија да ги почнат тие разговори“.

Во писмото се додава и дека натамошното одложување на прогресот на Северна Македонија и Албанија кон ЕУ ќе фрли сомнеж врз заложбите на западните лидери и ќе отвори врата за антизападни политички влијанија во регионот, конкретно од Кина и од Русија.

„Веруваме дека евентуалното ЕУ членство за Северна Македонија и Албанија е клучно за долгорочните мир и стабилност во балканскиот регион и за целата трансатлантска заедница“, пишува во писмото на конгресмените до бугарскиот амбасадор во Америка.

Извор: Глас на Америка

Прочитајте повеќе

Порталб: Касами ја достави во Обвинителство тужбата против Арифи за велосипедската патека

Тужбата што градоначалникот на Тетово Билал Касами ја најави против поранешната градоначалничка Теута Арифи за …