Конститутивна седница на новиот парламентарен состав

Конститутивна седница на новиот парламентарен состав

Во Собранието денеска (28 мај) во 11 часот треба да започне седницата на која треба да биде конституиран новиот парламентарен состав. На дневен ред на седницата се четири точки односно избор на Верификациска комисија, Верификација на мандатите на новите пратеници, избор на Комисија за прашања на изборите и именувањата, како и избор на претседател на Собранието.

Конститутивната седница, според новиот Деловник, трае најмногу три дена, а Собранието е конституирано со изборот на претседател на Собранието.

Според најавите, за претседател на Собранието ќе биде предложен Африм Гаши од Алтернатива, дел од коалицијата Вреди.

Собранието ќе брои 120 пратеници, но на седницата се очекува да присуствуваат само 118, бидејќи нивните мандати се веќе потврдени од Државната изборна комисија и им се издадени уверенија. За два мандата за кои се прегласуваше минатата среда сè уште течат жалбените постапки.

Во новиот парламентарен состав најмногу пратеници има коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ – 58, коалицијата „За европска иднина“ предводена од СДСМ има 18 пратеници, коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ има исто 18 пратеници, коалицијата Вреди 14, Левица шест и ЗНАМ шест пратеници.

Сè уште траат жалбените постапки за последното прегласување во селото Ларце во Желино и не се знае дали Вреди ќе го задржи добиениот мандат. Поради кандидатурата за претседател на Собранието Африм Гаши се повлече од лидерската функција во Алтернатива, која е дел од Коалицијата Вреди. Билал Касами, претседател на Движењето БЕСА која е дел од оваа коалиција и тетовски градоначалник, пак, се откажа од пратеничкиот мандат и побара тој да не му биде верификуван на денешната седница.

Конститутивната седницата ја свика претседателот на Собранието Јован Митрески, а со неа ќе претседава најстарата пратеничка Мерита Колчи Коџаџику. Претседателот на Собранието го известува претседателот на Републиката за конституирањето на Собранието и за изборот на претседателот на Собранието.

Што по исходот од претседателските и парламентарните избори?

Собранието може да се конституира, ако на седницата присуствуваат мнозинство на избраните пратеници.

Откако ќе се утврди кворумот, се избираат претседател и членови на Верификационата комисија на Собранието. Верификационата комисија се состои од претседател и четворица членови, од редот на пратениците кои припаѓаат на различни политички партии застапени во Собранието. Врз основа на извештајот на Државната изборна комисија за избор на секој пратеник, Верификационата комисија на Собранието му поднесува писмен извештај со предлог за верификација на мандатот на секој пратеник одделно.

Собранието на конститутивната седница, по предлог од најмалку 10 пратеници, избира Комисија за прашања на изборите и именувањата. Во Комисијата се обезбедува соодветна застапеност на пратениците од политичките партии застапени во Собранието. По предлогот за избор на Комисијата за прашања на изборите и именувањата се води единствен претрес, кој не може да трае повеќе од еден ден.

Собранието од редот на пратениците избира претседател на Собранието. За избор на претседател на Собранието се води единствен претрес, кој не може да трае повеќе од еден ден. Гласањето за избор на претседател на Собранието се врши по завршување на претресот, а најдоцна до 24:00 часот.

За претседател на Собранието е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако за претседател е предложен еден кандидат и ако при првото гласање не го добие потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка.

На друга седница ќе бидат избрани потпретседатели на Собранието, а бројот на потпретседателите го утврдува Собранието по предлог од претседателот на Собранието. Потпретседателите се избираат од редот на пратениците кои припаѓаат на различни политички партии застапени во Собранието. Еден од потпретседателите се избира од редот на пратениците кои припаѓаат на најголемата опозициска партија. Најмалку еден од потпретседателите се избира од помалку застапениот пол.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

СДСМ: Шемата за подарениот имот на Јанушев датира од 2010 години кога се набавија кинеските автобуси

СДСМ: Шемата за подарениот имот на Јанушев датира од 2010 години кога се набавија кинеските автобуси

Соопштение за јавност на СДСМ Откако пет дена се криеше од јавноста вчера Јанушев самиот …