Мицкоски

Контраспин: Мицкоски спинува околу цените на енергија во 2022 и во 2017 година

Мицкоски не кажува, на пример, дали и колку тогашната влада морала да ја субвенционира разликата меѓу продажната цена кон индустријата, односно загубите на ЕЛЕМ со призната цена од 2,5 денари по киловат час за производство за регулираниот пазар, не кажува колкав дел од индустријата, па и подружницата на АД ЕЛЕМ за тргување набавувале електрична енергија во странство или продавале од домашното производство, не кажува колкави биле цените на европските пазари во 2016 и во првата половина во 2017 година, а биле под 50 евра за мегават, па така, неговата споредба за цените што ги плаќа индустријата меѓу 2017 и 2022 г. не е ништо друго туку спин, пишува „Вистиномер“.

Текстот го пренесуваме во целост:

Пишува: Теофил Блажевски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, објави став за цената на струјата што ја плаќа македонската индустријата во 2022 и во 2017 година, кога тој бил раководно лице во ЕЛЕМ, денешно ЕСМ, при што може да се препознае спин:

За пет години цената на струјата за македонските компании владата на СДСМ ја зголеми за речиси 2,5 пати. Македонското стопанство во првото полугодие од 2022 година плаќа осма најскапа струја во Европа според Евростат и Државниот завод за статистика. Невистина е дека владата се грижи за стопанството. Невистина е дека владата им помага на повеќе од 72 000 компании.

Бидејќи владата на СДСМ сака да се споредува со периодот кога јас бев советник на претседателот на Владата (од април 2015 до јуни/јули 2017 година) и генерален директор на ЕЛЕМ (од септември 2016 до август 2017 година), тогаш да ја направиме таа споредба. Имено, во првото полугодие од 2017 година македонските компании плаќале четврта најевтина струја во Европа по цена од 69,5 евра мегават час.

[Извор: Христијан Мицкоски – ФБ профил, датум: 06.10.2022]

Контраспин: Чистo како солза е извртувањето на вистината, односно спинот што го прави Христијан Мицкоски околу цената на електричната енергија за индустријата во 2016 и 2017 година, со цената на електричната енергија во 2022 година. Споредувањето на овие две вредности на цени, без наведување други параметри, е споредување на височина на планина со длабочина на море, односно мешање на факти без контекст или популарно кажано, мешање „баби и жаби“.

Имено, во 2021 година започна да се изострува проблемот со недостиг на енергенси генерално. Берзите доживуваа турбуленции уште во текот на летото поради икс фактори – недостиг на електрична енергија од нуклеарните централи (што поради дефекти во Франција, што поради планираното затворање на последните нуклеарни централи во Германија на инсистирање на Зелените, дел од актуелната германска Влада и, секако, не го исклучуваме од причините, рекордно намаленото производство од околу 3,5 GW електрична енергија од домашното производствено портфолио од ЕСМ).

Но, вистинската пресвртница не само на европско, туку и на светско ниво, се достигна при крајот на ноември и во текот на декември 2021 година, кога беа потврдени стационирањето на огромен број од околу или над 200 илјади руски војници на границите со Украина. Тоа го потврдува и овој графикон објавен од ЕУ врз база на Еуростат податоците каде се гледа движењето на цените на електрична енергија во Европа за индустријата од 2008, заклучно со 2021 година.

Контраспин: Мицкоски спинува околу цените на енергија во 2022 и во 2017 година
Движење на цените на ел.енергија од 2008-2021. Извор: ЕК

Но, бидејќи од 2020 година сите потрошувачи во Северна Македонија се на слободен пазар, за растот на цените може да се потврди и од базите на податоци од референтната берза во Будимпешта HUPX (Хупекс) од податоците за движењето на цените во 2021 година: Како што може да се види во октомври, ноември и декември цената екстремно растела и изнесувала 197, 215 и 245 евра за мегават час во декември.

Контраспин: Мицкоски спинува околу цените на енергија во 2022 и во 2017 година
Месечно движење на цените на Хупекс во 2021 г. Извор: HUPX

Со нападот на Русија врз Украина на 24 февруари 2022 година, сите економски параметри, па и цените на сите енергенси, вклучувајќи ја и електричната енергија достигнуваат плафонски износи (за 2022 година). Па така, ако на крајот од 2021 и почетокот на 2022 година цените на берзите од кои и ние купуваме или одредуваме цена на електричната енергија се движеа до тогаш „фантастични“ 250 евра по мегават час, јавноста е сведок дека цените годинава во одредени моменти во август стигна и до 800 евра за мегават час од т.н. пикова енергија а околу 600 евра од секојдневното тргување. Како и да е, во текот на првото полугодие од 2022 година цената на таа енергија не се движеше помалку од 300, а многу често меѓу 400 и 450 евра за мегават час.

Кога Мицкоски бил директор на ЕЛЕМ просечната цена на Хупекс била под 50 евра за мегават час

Наспроти ова, во 2016 и 2017 година, цените на електричната енергија на берзите се движеле околу 50 евра за мегават час, со исклучоци од по месец–два во зимскиот период. Според истата референтна цена на Хупекс, во вториот квартал од 2016 година просечната цена на берзата во Будимпешта се движела помеѓу 35 евра во јули до 49 евра во декември (цената на околните пазари исто така претставени на берзата се некаде и пониски).

Контраспин: Мицкоски спинува околу цените на енергија во 2022 и во 2017 година
Месечно движење на цените на Хупекс во 2016 г. Извор: HUPX

Во 2017 година, пак, според податоците од истата берза, цените во првиот квартал се движеле од 81 евро во јануари, преку 38 во март, до 44 евра заклучно со јули 2017 година.

Контраспин: Мицкоски спинува околу цените на енергија во 2022 и во 2017 година
Месечно движење на цените на Хупекс во 2017 г. Извор: HUPX

Значи, овие периоди, втор квартал 2016 година и прва половина од 2017 година, кога Мицкоски раководел со тогашното АД ЕЛЕМ, просечната цена за последните три месеци од 2016 година изнесувала 45,1 евро, а за 6 месечен период од јануари до јуни 2017 година изнесувала 49.8 евра. А сепак, индустријата како што покажува и слајдот на Мицкоски плаќала околу 69 евра за мегават час. Па и нека е најевтина 4-та по ранг во Европа, оваа цена била повисока од цените на Хупекс и во услови кога цената на домашното производство на ЕЛЕМ се движела околу 2,5 денари по киловат час за регулираниот пазар, признато од РЕК.

Покрај ова, други податоци од институциите, на пример од самото ЕЛЕМ за работењето во 2016 и 2017 година покажуваат дека производството опаѓало и во годините кога Мицкоски раководел со ЕЛЕМ (види ја прес конференцијата на наследникот на Мицкоски, Драган Минов, назначен од првата влада на Зоран Заев во август 2017 година). За овој период каде има и други дубиозни состојби во АД ЕЛЕМ, може да се погледне и финансискиот извештај на независен ревизор за работењето на ЕЛЕМ во 2017 година.

Да заокружиме. Мицкоски не кажува, на пример, дали и колку Владата морала да ја субвенционира разликата меѓу продажната цена кон индустријата, односно загубите на ЕСМ со таа призната цена од 2,5 денари по киловат час за производство за регулираниот пазар, не кажува колкав дел од индустријата, па и подружницата на АД ЕЛЕМ за тргување набавувале електрична енергија во странство или продавале од домашното производство, не кажува колкави биле цените на европските пазари во 2016 и во првата половина од 2017 година кои влијаеле и на домашните цени, а биле под 50 евра за мегават, па така, неговата споредба меѓу 2017 и 2022 не е ништо друго туку спин.

И ова не е прв пат на оваа тема. Мицкоски тоа истото го стори и пред некој месец (види Вистиномер), соопштувајќи ѝ ги селективно на јавноста податоците од Еуростат, со цел преку спин да се стекне впечаток дека целиот кабает за денешните високи цени се единствено во актуелната владејачка структура и актуелните раководства и во ЕСМ и во РКЕ.

Да повториме, во споредбата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, цените не електрична енергија во 2017 година и во 2022 година се извлечени од севкупниот контекст. Бидејќи е јасно дека без контекст станува збор за неспоредливи работи, тврдењето на Мицкоски е чист спин.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Филмски факт: Вистинскиот настан што го инспирирал „Пред дождот“ на Милчо Манчевски

Филмски факт: Вистинскиот настан што го инспирирал „Пред дождот“ на Милчо Манчевски

Гала премиерата на реставрирана копија на филмот „Пред дождот“, што се одржа на 9 декември …