Вечерва со почеток во 19.00 часот во ликовниот салон на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, ќе се одржи целовечерен концерт на тенорот Бобан Рајчиноски, во пијано придружба на Милан Јанкулоски.

Своето музичко образование Бобан Рајчиноски го започнал во основното музичко училиште „Ордан Михајлоски – Оцка ” во Прилеп, отсек хармоника. Во 2006 година се запишува во државното музичко училиште во Битола, отсек соло пеење, во класата на проф. Магдалена Наумоска. Во 2009 година на државниот натпревар по соло пеење освојува прво место. Во 2010 година учествувал на музичкиот фестивал во Москва “Откритаја Европа”, а истата година на фестивалот “Езерски бисери” во Струга, станува лауреат втор степен во категорија академски вокал. Дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје кај проф. Билјана Јакимовска, а потоа магистрирал на истиот факултет кај проф. Игор и Ана Дурловски, кај кои посетува и мастерклас.

Своето музичко образование Милан Јанкулоски го почнал во ДМБУЦ„Илија Николовски- Луј“, на деветгодишна возраст. Средното музичко образование го завршил во класата на професорката Снежана Анастасова-Чадиковска. Дипломирал и магистрирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Марија Гошевска. Има настапувано на повеќе фестивали, меѓу кои и на „Скопско лето“, „Денови на македонската музика“, „Musica viva“, Бит Фест“, „Festival of the Aegean“, „Berlin Opera Studio“, а свои концерти имал во Македонија, Грција, Србија, Италија, Кина, Словенија, Хрватска и Германија.

Вечерашниот концерт е во рамките на манифестацијата „Нов културен бран“ на Министерството за култура.