Медиуми камери

Корона кризата ја одложи до септември изработката на новиот Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета

Наместо до крајот на мај како што беше претходно предвидено, Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС) ја одложила до крајот на септември изработката на анализата за примената на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, информираат за „Мета.мк“ од Министерството за правда.

– Тоа е согласно методологијата за работа на експертот, кој при изработка на анализата планираше и интервјуа со засегнатите страни коишто во овој период не можеа да се реализираат – посочуваат од ова министерство.

По доставувањето на анализата од страна на експертот, наесен ќе биде формирана и работната група, која врз основа на дадените препораки и предлози на експертот ќе заземе став за сите прашања поврзани со законот. Анализата од експертот треба да содржи и меѓународни стандарди и компаративни искуства, пракса на судот, но и одредени измени, односно предлог-одредби од законот, велат од Министерството за правда.

Од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) уште пред еден месец побараа процесот на донесување на измените и дополнувањата на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета да почне што поскоро, бидејќи нашата земја си зела обврска да ги усвои истите уште во 2018 година.

ЗНМ на крајот од април го организираше и првиот вебинар за подобрување на судската пракса на тема клевета и навреда, со наслов: „Размена на знаења и практики за клевета и навреда во Северна Македонија како предуслов за квалитетни измени на актуелниот закон“ (ДЕЛ 1). Покрај новинари, судии и адвокати кои имаат искуство во доменот на клеветата и навредата, на овој вебинар присуствуваа и сертифицирани ЈУФРЕКС обучувачи, кои се добро запознаени со стандардите на Советот на Европа.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски во своето обраќање рече дека ситуацијата со медиумските права и слободи е исклучително комплицирана во нашата земја и оттаму настануваат и многу предизвици и проблеми кои останува да се решаваат на ова ниво.

– Една од нашите заложби е клеветата и навредата да ги решаваме преку механизмите за саморегулација – истакна Чадиковски.

Тој нагласи дека Здружението на новинарите честопати апелира до судиите за казните за новинарите за овие две дела да бидат минимални и да не вклучуваат затвор или високи парични казни кои новинарите не би можеле да ги подмират.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

полиција

Двајца приведени за убиството на лекарот во Железара

Две лица се приведени во врска со убиството на лекарот во скопската населба Железара, изјави …