Продолжуваат негативните резултати во домашната економија како последица од пандемијата на корона вирусот. По евидентираниот пад на бруто домашниот производ во првото тримесечје од 0,2 отсто и на индустриското производство од 14,4 отсто за периодот јануари – мај, негативни резултати се забележаа и во трговската размена со странство.
Според најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС), извозот на стоки во првите пет месеци забележал пад од 27,4 отсто во однос на истиот период лани, а кај увозот е регистриран пад од 22,9 отсто. Вредноста на вкупниот извоз во петте месеци од годинава изнесува 2.152.517.000 американски долари, а на увeзената стока 3.018.955.000 американски долари. Со тоа, трговскиот дефицит изнесувал 866.438.000 американски долари.
Ваквото намалување на извозот е последица на работењето на домашните капацитети со намален обем, а во одредени случаи и со целосен прекин на производството поради нарушување на синџирите за снабдување со суровини, појавата на заболени лица од ковид-19 во фабриките, но и отежнатиот проток на стоки преку границите во првите недели од појавата на ковид-19 во Европа.
Во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови и деловите на седишта. Во увозот биле најмногу застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.
Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Македонија во периодот јануари-мај 2020 година најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Бугарија.