Корона вирусот во април ја турна македонската индустрија во негатива

Корона вирусот во април ја турна македонската индустрија во негатива

Продолжуваат негативните резултати во економија, како последица на корона кризата. Од месец во месец, статистиката евидентира сè поголем пад на производството во индустријата и на бројот на вработените во неа. Додека во март годинава падот на индустриското производство изнесуваше 13,4 отсто, во споредба со истиот месец лани, веќе во април производството во индустријата падна за рекордни 33,5 отсто во однос на истиот месец минатата година. А, ако март за 4,5 отсто имаше помалку вработени во индустријата, во април минусот изнесуваше 5,1 отсто, споредено со истиот месец 2019 година.

Како што објави Државниот завод за статистика (ДЗС) индексот на индустриското производство во април 2020 година, во однос на април 2019 година, изнесува 66,5, додека индексот за четирите месеци, од јануари до април годинава, во споредба со истиот период лани, изнесува 88,8, односно е помал за 11,2 отсто.

По сектори, во рударство и вадење на камен во април оваа година, во однос на истиот месец лани, има опаѓање од 17 отсто, во секторот преработувачка индустрија намалувањето е 40,5 отсто, а кај снабдувањето со електрична енергија, гас, пареа и климатизација има пад од 1,1 отсто.

Намалувањето на производството во преработувачката индустрија, според ДЗС, е резултат најмногу на намаленото производство на: прехранбени производи, на пијалаци, тутунски производи, текстил, производство на облека, на други неметални минерални производи, на метали, на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема и друго.

Според главните индустриски групи, производството во април 2020 година, во однос на април 2019 година, бележи опаѓање кај капиталните производи за 70,8 отсто, трајните производи за широка потрошувачка за 48,3 отсто и кај нетрајни производи за широка потрошувачка за 28,5 отсто.

Што се однесува до бројот на работниците во индустријата, индексот во април 2020 година изнесува 94,9 или нивниот број е намален за 5,1 отсто во споредба со истиот месец лани. Во секторот рударство и вадење камен има опаѓање за 1,3 отсто, во преработувачката индустрија за 5,5 отсто, а во снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање има за 0,6 отсто кај бројот на вработени во споредба со април 2019 година.

Според главните индустриски групи, кај трајните производи за широка потрошувачка има помалку работници за 9,2 отсто, а кај нетрајните производи за 6,8 отсто. За четирите месеци, од јануари до април, индексот на бројот на работниците во индустријата изнесува 96, односно за 4 отсто е помал бројот на вработените, во споредба со првите 4 месеци од 2019 година.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Тевдовски, Узунов, Беџети, Бишев

Економски експерти со предлог решенија и политики за нов концепт на водење на економијата во државата

Вчера, се одржа јавна дискусија „Нова ера, нова надеж“ кадешто се разговараше за нов концепт …