Короната и потомците на Воинот на коњ

Короната и потомците на Воинот на коњ

Пишува: Зоран Милошески

…него куршум не го дупи, него сабја не го сече…

Секое време си има свои херои. Но, оние вистинските се раѓаат во време на невреме. Налик на сегашново. Освен херои, времињата си имаат и антихерои. Антихероите никнуваат и виреат во сите времиња. Тие никогаш не исчезнуваат, туку вешто се притајуваат и чекаат погоден момент да излезат од својот темен вилает.

Во книгата на сеќавања на просечниот Македонец, запишани се многу тешки времиња. Чинам дека освен тешки, други и немало!? Оти, читајќи ги романите на македонските автори, слушајќи ги народните песни… се’ сами црнила: војни, братоубиства, предавства, сиромаштија, печалбарство, умирачки, разделби, неверства… Радост – ич. Среќа – ни за лек.

Наспроти искуствата на земјите кои пред нас се соочија со подмолниот непријател, наспроти предупредувањето од здравствените власти дека коронавирусот воопшто не треба да се потцени, сепак на пандемијата и’ пријдовме со прилична леснотија. Апели? Препораки? Уредби? Џабе! Ние си го тераме нашето, она кое најдобро си го знаеме: ракиче, мезе, карти и сето тоа со друштво – колку поголемо, толку подобро! Ако доволно се присобере за орце да се заврти, уште поарно. Оти нам, на потомците на Воинот на коњ, на библискиот народ постар и од Сонцето, короната може да ни плукне под пенџере! Особено, пак, откако Агатангел и друштвото ги испрскаа улиците со света вода, нас нит’ куршум не’ дупи, нит’ сабја не’ сече!

Но токму таму, на првата борбена линија за одбрана на здравјето на граѓаните, се родија хероите на денешното време-невреме. Венко Филипче е човекот кој со сиот свој капацитет, со својата стручност, смиреност и транспарентност, застана на чело на армијата медицински работници, кои одлучно и непоколебливо, по цена на сопственото здравје, се вложија себеси во борбата за зачувување на човечките животи. Вработените во Клиничките и Општите болници, во Центрите за јавно здравје, Здравствените домови, службите за Итна медицинска помош, приватните болници, лабораториите… сите тие ја заслужуваат нашата најдлабока почит и наклон до земја.

Меѓутоа, кога марионетата на батерии со далечински управувач „made in Budapest“, Мицкоски, ќе изјави дека ќе поднесе уредба до Владата за исплаќање награда за лекарите и медицинскиот персонал, тоа сликовито кажува во колкава мера се лицемери и колку се изместени од „шини“ челниците на забеганото здружение!

Оти, тие кои го растурија здравствениот систем во државата, кои лекарите и медицинските сестри ги избркаа во странство, тие чиј „универзален“ министер дење со телефон ги учеше хирурзите да оперираат, а ноќе како манијак им упаѓаше на дежурства, оние чии директори на болници безгранично ги понижуваа лекарите велејќи им дека не биле вработени затоа што ги бидувало, туку затоа што партијата им дала парче леб… Ете тие ќе барале награда за хероите на денешното време. Нема да прашам дали не им е срам, оти не им е! Уште помалку, пак, дали имаат совест, оти немаат!

Ама, јас ги разбирам ваквите непринципиелни и додворувачки пораки на командантот без компас и неговите дезориентирани војници. Оти во трите години опозициско живеење, не научија ни една лекција. Не извлекоа ни една поука. Не понудија ни една идеја. Не се реформираа ни еден милиметар. Нивната деструктивна и глупава анти-НАТО и анти-ЕУ кампања, ги остави надвор од прогресивните процеси на сите европски политички субјекти со демократски префикс. Нивниот светоглед остана закопан некаде на половина пат помеѓу Будимпешта и Љубљана, во друштво на докажаните „демократи“ Орбан и Јанша. Свесни дека исток ги отпишуе, а запад не ги запишуе, на теледиригираното здружение очајнички му е потребно да го фати последниот воз, за кој само до пред некој ден тврдеа дека се движи кон бездна.

Како алтернатива и освежување на нашата плитка меморија, е учеството на мицковци во актуелната техничка Влада. Оти поверодостоен и поавтентичен начин да се потсетиме на скандалозното, насилничко и арамиско владеење на ДПМНЕ, не постои. Штета што онаа несреќна министерка Мизрахи ја разрешија, бидејќи за она кратко време колку што ја „грееше“ министерската фотелја, навестуваше дека ќе прерасне во скандал мајстор кој ќе ја засени „славата“ на многу нејзини сопартијци.

Меѓутоа, за среќа или несреќа, „отсјајот“ на Наќе Чулев е толку силен, што покрај него во втор план останаа плејада на докажани партиски генератори на политичката шизофренија. Не толку заради најголемата небулоза која било кој државен функционер, било кога, ја изустил во национален медиуми, ниту заради малоумното ангажирање на огромен потенцијал човечки и технички ресусрси за снимање на промотивен полициски спот, колку заради храброста (или лудоста?) да упадне во магацин и да ја спречи дистрибуцијата на хуманитарната помош, донирана од страна на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Оти со упадот, како флеш пред очите ни поминаа сите брутални полициски акции наредени и спроведени од злосторничкото здружување: убиството на Мартин Нешковски, апсењето на Љубе Бошковски, „крвавиот четврток“, „црниот понеделник“…

Чулев на дело ја покажа дијаметралната разлика во практикување на власта помеѓу неговата партија и СДСМ. Пристапот на социјалдемократите е, многумина ќе речат, премногу благ, инертен и толерантен: прво се бараат несоборливи докази, документи и сведоци, па потоа со месеци се чека работата да ја преземат корумпираните обвинители, па на ред идат „сваровски“ судиите од тефтерчето на Горде… и сето тоа трае до недоглед.

Наспроти ова, ги имаме фашизоидните методи на груевци: на состанок на „политбирото“ се договараат имињата на оние кои треба да бидат дискредитирани и затворени, се известуваат куртонските телевизии кога и каде да бидат присутни со камерите, се изведува блиц-криг акција, се апсат „предавниците“, се носат во судот каде мерката „притвор“ која трае со месеци и години, однапред им е изречена… и толку! И така секој божји ден – стара приказна со нови жртви.

И не дека не е до коронавирусот – тој ги извлече од нас сите скриени страсти, сета злоба и лошотилак, сиот наш простотилак и неукост. Одбивањето да се соочиме со вистината, неприфаќањето на науката и верувањето во заговори и бабини деветини, се дел од причините заради кои сме, и како народ, и како држава, таму кај што сме.

Прочитајте повеќе

Мицкоски ќе нѐ качува на платформа

Мицкоски ќе нѐ качува на платформа

Зошто партиите непотребно прават предизборни програми, принудени да лажат, кога имаат готова програма? Треба само …