Корупција и застој: ЕУ со критики за Македонија

Корупција и застој: ЕУ со критики за Македонија

Најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија открива сериозни слабости во клучните области за пристапување кон ЕУ. И покрај одредени позитивни сигнали, земјата бележи минимален напредок и се соочува со системски проблеми кои го блокираат процесот на интеграција.

Нема уставни измени, има политичка поларизација

Северна Македонија сè уште не ги усвои уставните измени за вклучување на граѓаните кои се дел од други народи, како Бугарите – услов без кој не може да се отвори првиот кластер од преговорите. Поларизацијата во парламентот го блокира донесувањето на клучни закони, а злоупотребата на скратените процедури ја поткопува транспарентноста. Локалната самоуправа останува нефункционална, со недоволна финансиска рамка и бавни реформи.

Судство и корупција: системски слабости

Извештајот нотира дека нема напредок во независноста на судството. Политички притисоци врз Судскиот совет, недостиг на кадар и средства, како и голем заостаток на предмети ја поткопуваат ефикасноста. Буџетот за судството изнесува само 0,3% од БДП, далеку под законскиот минимум.

Корупцијата останува причина за „сериозна загриженост“, се наведува во Извештајот.

Случајот „Кочани“, во кој загинаа 62 лица, откри институционална немарност и коруптивни практики. Државната комисија за спречување на корупција го загуби кредибилитетот поради скандал со претседателот, а високопрофилните случаи се развлекуваат или завршуваат со минимални казни. ЕУ бара усвојување нов Кривичен законик, подобрување на евиденцијата за конфискација на имот и засилување на финансиските истраги.

Економија и јавна администрација: застој и ризици

Фискалната дисциплина е сериозно нарушена – имплементацијата на органскиот буџетски закон е одложена, дефицитот достигна 4,4% од БДП, а јавниот долг се искачи на 62,4%. Неформалната економија изнесува околу 38% од БДП, а акцискиот план за формализација стагнира.

Јавните набавки се уште се ризична зона за корупција: конкуренцијата е слаба, а само 5,4% од тендерите користат критериум „економски најповолна понуда“. Администрацијата останува фрагментирана и без јасна кадровска политика, и покрај новите закони за службеници.

Енергетика, инфраструктура и животна средина

Земјата е силно зависна од јаглен, а законот за климатски промени не е усвоен. Имплементацијата на Националниот енергетски и климатски план касни, а железничкиот Коридор 8 е заглавен. Во животната средина, состојбата е алармантна: управувањето со отпад, загадувањето на воздухот и водите, како и заштитата на природата се далеку од европските стандарди.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Протести во Белград, граѓаните и студентите не дозволуваат рушење на зградата на Генералштабот

Протести во Белград, граѓаните и студентите не дозволуваат рушење на зградата на Генералштабот

Денес, студенти од неколку белградски факултети и иницијативата Ансамбл на Генералштабот одржуваат протест пред зградата …