Корупцијата ја разјадува државата - Лаура Ковеси ни треба како леб!

Корупцијата ја разјадува државата – Лаура Ковеси ни треба како леб!

Пишува: Зоран Милошески

Во заедничка акција на бугарската Национална полиција и Европското обвинителство а под сомнение за злоупотреба на европските фондови, деновиве беше приведен поранешниот премиер на Бугарија и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов.

Колку и да сме преокупирани со сопствените проблеми и колку и да не не’ интересираат случувањата кај соседите, самото тоа што станува збор за приведување на значајна политичка фигура со повеќегодишно влијание на политичките состојби во регионот, неизбежно го привлече и нашето внимание.

Она, меѓутоа, што е посебно интересно во овој случај а што остана во втор или трет план, е информацијата дека главна обвинителка на Европското обвинителство е Лаура Ковеси, која 5 години беше на чело на романската Национална дирекција за борба против корупцијата (ДНА).

Накратко: После два мандата во државното обвинителство на Романија, во 2013 година Лаура Кодруца Ковеси беше именувана за шеф на ДНА. За време на нејзиното раководење со оваа институција, Ковеси процесирала обвиненија за корупција против романските водечки политичари од сите партии, отворени биле над 6.000 предмети, а против повеќе од 1.200 лица биле подигнати обвиненија за корупција, меѓу кои и за министри, пратеници, градоначалници, судии, директори на јавни институции…

За време не петгодишниот мандат, Ковеси стана идол на граѓаните на Романија кои беа презаситени од енормната корупција, но и миленичка на глобалното движење за транспарентност. Според анкетите за истражување на јавното мислење, Романците повеќе и’ верувале на Ковеси отколку на поглаварот на православната црква, а неспоредливо повеќе отколку на нивните претставници во законодавниот дом.

Угледните „Економист“, „Гардијан“ и Би-би-си (BBC), Ковеси ја нарекуваа „крстоносец во борбата против корупцијата“, „ѕвезда“ која стекнала огромна доверба на јавноста, но и премногу моќ.

Како последица на сето тоа, особено на последно кажаното, во јули 2018 година со указ на романскиот претседател Клаус Јоханис, Ковеси беше разрешена од челната позиција на ДНА. На разрешувањето му претходеше процес за нејзино отстранување од функцијата инициран од министерот за правда Тудорел Тоадер, под обвинение за „пречекорување на нејзиниот мандат и уништување на меѓународниот углед на Романија“.

Откако во 2020 година се формираше првото заедничко Европско јавно обвинителство чија главна задача е борба против корупцијата и злоупотреба на ЕУ фондовите, Лаура Ковеси беше избрана за прва, односно главна обвинителка на обвинителството.

Нам, како леб насушен ни требаат услугите на обвинител од калиброт на Лаура Ковеси и нејзиниот тим!

Корупцијата е таа која ја разјадува и разградува нашата држава, што е редовно нотирано во сите извештаи на европските институции. Разните ранг-листи кои покажуваат некакво поместување на Македонија за едно, две…пет места во борбата со корупцијата, е само привид и слаба утеха за нашиот бавен и безмалку невидлив напредок по прашањето за кое Брисел покажува особен интерес. Оти, со години наназад корупцијата е тука, меѓу нас. На секое ниво и во секој сегмент на општественото живеење.

Бесполезни се меѓусебните обвинувања на партиска основа заради неславниот крај на Специјалното јавно обвинителство и Катица Јанева, а уште помалку, пак, на тоа треба да се гледа како на пропуштање на последната шанса за излез од вртлогот на митото и корупцијата.

Колку и да го сметаме за лош експеримент со добра намера, не може да се минимизира фактот дека токму по заслуга на СЈО, неколкумина високи државни и партиски функционери од редовите на ВМРО-ДПМНЕ кои беа дел од 10-годишното владеење на Груевски, се најдоа зад решетки. Исто како што е реалност дека во тек се повеќе судски процеси против членовите на злосторничкото здружување кои, според развојот на ситуацијата, ќе резултираат со нови ефективни затворски казни за обвинетите.

Но тоа никако не го трга срамот од бавното и неажурно правосудство, ниту сомнежот дека корумпираноста на обвинителите и судиите метастазирала до загрижувачки размери.

Се отфрлаат докази, свесно, до застарување се држат во фиоки пријави против градоначалници и директори на јавни институции кои функциите ги напуштија после локалните избори во 2017 година. Како поинаку да се објасни и дефинира тоа, освен како соучесништво во криминалот?

Спората и селективна правда кои се еднакви на неправда, без никаква дилема се најголемата причина поради која 58% од младите луѓе уште утре би се иселиле од државата. Оти за нив не постои подемотивирачки фактор да останат во татковината, од неможноста да го остварат уставно загарантираното право на вработување, правда, семејство, еднаквост, јавно искажан став, здрава животна средина… Да го остварат правото на достоинствен живот.

И затоа, се’ додека оваа или некоја друга власт не ја „измисли“ македонската Лаура Ковеси, на која целосно ќе и’ овозможи финансиска логистика, правна сигурност, физичка заштита и сите други неопходни ресурси за справување со корумпираната политичка, бизнис и друга елита, од ова парче земја на кое живееме, држава не бива!

Прочитајте повеќе

Филипче до Николоски: Обиди се да сработиш нешто корисно за луѓето

Филипче до Николоски: Обиди се да сработиш нешто корисно за луѓето

Откако Александар Николоски го обвини Венко Филипче дека ја злоупотребува професијата лекар, Филипче му порача …