Кос: 200 милиони евра за Западен Балкан преку Планот за раст

Кос: 200 милиони евра за Западен Балкан преку Планот за раст

Европската Унија во наредните денови ќе додели близу 200 милиони евра за Македонија, Албанија и Црна Гора поради имплементацијата на Планот за раст за Западен Балкан. Ова го најави еврокомесарката за проширување Марта Кос.

„Имам многу јасна порака – има место за сите земји од Западен Балкан во Европската Унија.Проширувањето е приоритет за ЕУ и ако кандидатите ги исполнат условите, тогаш и ние мора да го исполниме ветеното“, изјави Кос пред почетокот на состанокот на Советот за надворешни работи.

Кос нагласи дека ЕУ веќе ги исполнува своите обврски, потсетувајќи дека по 17 години е воспоставена работна група за договор за пристапување со нова држава – Црна Гора. Таа ја поздрави и целосната интеграција на Србија во Единствената европска платежна област(СЕПА), со што се приклучи на Албанија, Црна Гора и Северна Македонија, каде веќе се воведени побрзи и поевтини меѓународни трансакции.

Проширувањето останува приоритет

Црна Гора моментално е најнапредната земја во процесот на проширување и се очекува да ги затвори преговорите до 2026 година, со можност да стане членка на ЕУ до 2028 година.

Албанија е следна, со проценки дека може да ги заврши преговорите до 2027 година доколку ги продолжи реформите.

Ризик од губење пари доколку нема реформи

Минатиот месец Марта Кос предупреди дека земјите од Западен Балкан ризикуваат да изгубат над 700 милиони евра од Планот за раст доколку не ги завршат потребните реформи до крајот на грејс-периодот во 2026 година.

Таа изрази загриженост за состојбите во Србија, наведувајќи дека одредени законски решенија ја поткопуваат независноста на судството, како и за притисоците врз демонстрантите и медиумите.

Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан изнесува 6 милијарди евра, од кои 2 милијарди евра се грантови, а 4 милијарди евра се кредити Програмата го опфаќа периодот 2024–2027 година.

Извор: DW