Косово поднесе апликација за членство во Советот на Европа, очекува брз прием и во ЕУ и НАТО

Косовската шефица на дипломатојата, Доника Гервала, денес официјално ја поднесе својата апликација за членство во Советот на Европа, соопшти кабинетот на косовското Министерство за надворешни работи.

Овој потег, како што пренесе Ројтерс, следи откако Русија го напушти телото неколку часа пред гласањето за нејзиното протерување во собранието на Советот на Европа на 15 март, три недели откако го започна нападот врз Украина.

Косовската претседателка Вјоса Османи која денес е во Вилнус на средба со претседателот на Литванија, Гитанас Науседа, изјави дека покрај членството во Советот, очекува и Косово што поскоро да се приклучи кон НАТО и Европската Унија, пренесе приштинскиот портал Коха.

Таа се заблагодари на Литванија за континуираната поддршка и рече дека членството во НАТО треба да се гледа од безбедносен аспект.

„Сите слободољубиви земји во Европа кои сакаат да придонесат за мирот и безбедноста заслужуваат да бидат во НАТО. И треба да се поддржат аспирациите за нивно членство. Верувам дека не само Финска и Шведска, туку и земјите од нашиот регионот, како што се Косово и Босна и Херцеговина, треба да бидат поддржани со забрзан процес за членство“, рече Османи.

Само неколку минути по поднесувањето на косовската апликација со остра реакција се огласи и српскиот претседател Александар Вучиќ. Тој рече дека дека неговата земја силно ќе реагира и ќе свика итен состанок на Советот за национална безбедност во петок.

„По десет години газење на Бриселскиот договор, тие сега го прекршија Вашингтонскиот договор, додека никогаш не ја почитуваа резолуцијата 1244“, рече Вучиќ на отворањето на саемот за автомобили, пренесува Б92.

„Наше е да не навлегуваме во омраза, туку да дадеме силен одговор и согласно тоа“ , рече српскиот претседател.

За една земја да биде прифатена во организацијата потребни се две третини гласови од членовите, а со оглед на тоа што Русија не го призна Косово како независна држава, претходно постоеше ризик секоја претходна апликација да пропадне.

Косово вели дека сега има доволно поддршка од 46-членото тело за да биде прифатено, а владата рече дека му наредила на Министерството за надворешни работи да ги започне процедурите за членство.

Поддржано од западните земји, Косово прогласи независност во 2008 година, речиси една деценија по завршувањето на војната во 1999 година.

Косово е признаено од повеќе од 110 земји, но сè уште не е членка на ОН, поради приговори од неколку земји, како Србија и Русија.

Советот на Европа ја создаде Европската конвенција за човекови права и им помогна на источноевропските нации да ги демократизираат своите политички системи по распадот на комунизмот. Се залага за слобода на изразување и на медиумите, слобода на групирање, еднаквост и заштита на малцинствата.

Во ноември 2015 година, Косово не успеа да стане членка на УНЕСКО, откако Белград лобираше против апликацијата. Но, Косово се приклучи на меѓународното фудбалско тело, ФИФА, во мај 2016 година.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Хашим Тачи и други водачи на ОВК на суд во Хаг

Четворицата водачи на поранешната Ослободителна војска на Косово, вклучувајќи го и поранешниот косовски претседател Хашим …