Мицкоски со Курти

Како ќе влијае косовскиот епилог во односите со Македонија?

Политичкиот спектар на Албанците во Македонија беше јасно поларизиран во врска со изборите во Косово и извесно е дека тоа ќе има влијание во односите меѓу двете земји, оценува аналитичарот Исен Салиу.

На 88,04% од преброените гласови, Движењето Самоопределување на премиерот Албин Курти освоило 41,29 отсто од гласовите на парламентарните избори во Косово. На второ место е Демократската партија на Косово со 21,83 отсто, а на трето Демократската лига на Косово со 17,75 отсто. Коалициja околу Алијансата за иднината на Косово има 7,68 отсто од гласовите, а Српската листа 3,96 – покажаа последните податоци од Централна изборна комисија во Косово.

Стотици приврзаници на партијата на досегашниот косовски премиер Албин Курти ноќеска се собраа на плоштадот Скендербег во центарот на Приштина, за да ги прослават првичните резултати од пребројувањето на гласовите, со кои Движењето Самоопределување е прворангирано.

Не поминаа лошо

Но дали таквото водство е доволно и што сугерираат изборните резултати? Оценка побаравме од новинарот и аналитичар Исен Салиу, кој за ДВ вели дека првичните резултати од изборите во Косово, даваат два главни показатели.

„Првиот е дека има одредено опаѓање на довербата кон владејачкото Самоопределување на Албин Курти, нешто што се смета за нормално кога цела Европа поминува низ криза карактеризирана со непрекинат раст на инфлацијата, а се разбира дека за тоа вината секогаш и секаде се атрибуира на власта. Вториот показател е дека во Косово не е создадена силна и обединета опозиција која би го убедила гласачкото мнозинство дека тие имаат капацитет да бидат вистинска замена за власта. Затоа сметам дека Самоопределување не помина лошо, како што вообичаено поминуваат владејачките партии на избори во последната година и половина поради горенаведените причини“, вели Салиу.

Клучно останува прашањето дали изборниот резултат на Самоопределување е доволен за формирање на нова влада предводена од Курти. За прецизна оценка, според Салиу, ќе биде потребно да се дочекаат конечните резултати.

„Мислам дека проценти, па дури и промили ќе играат голема улога врз натамошните политички случувања во Косово. Доколку Самоопределување го помине ‘прагот’ од 40%, мислам дека никој од другите субјекти нема да се осмели да и го оспори правото да формира нова влада, бидејќи тоа би довело до политичка криза. Но, доколку Самоопределување остане под 40%, тогаш може да очекуваме обиди од страна на опозициските партии да се организираат сите заедно, за да направат ново мнозинство“, оценува тој.

Како што пренесоа медиумите во Косово, врз основа на првичните резултати Курти синоќа изразил оптимизам дека Самоопределување ќе ја формира следната влада и дека првото место на изборите претставува потврда за доброто владеење. За партиите, кои според првичните изборни резултати се второ и треторангирани, тој посочил дека „дури и да се соберат нема да бидат силни како Самоопределување“.

Од друга страна, лидерот на четврторангиранта Алијанса за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, смета дека опозицијата победила на изборите.

„Она што ме радува е што опозицијата победи на изборите и со нетрпение очекувам да соработуваме за формирање на Влада“, порачал тој.

Текстот во целост можете да го прочитате на веб сајтот на DW

Прочитајте повеќе

НУНС: Недопустливо е бесрамното искористување на жртвите од трагедијата за лична промоција

НУНС: Недопустливо е бесрамното искористување на жртвите од трагедијата за лична промоција

Медиумските работници кои се согласија да го следат Претседателот во оваа посета учествуваа во злоупотребата …