Организацискиот секретар на СДСМ, Мартин Костовски, во емисијата „24 Анализа“ на ТВ 24 во врска со постапката за разрешување на државниот јавен обвинител, истакна дека тоа не е реформа на судскиот систем, туку упад во правосудниот систем за инсталирање на партиски кадар и послушник на власта.
- Ова не е реформа, туку кршење на демократијата, удирање во чело на уставниот поредок, на поделбата на судска, извршна и законодавна власт, рече Костовски.
Тој нагласи дека и СДСМ не е задоволен од работата на државниот јавен обвинител, но начинот на избор на јавен обивнител мора да биде законски.
- Не сме задоволни. Нема покренато постапка за Груби, кривична пријава или прогон за именувањето на Бојан Христовски во АНБ, за неговиот сертификат, за пуштањето на Блерим Рамадани на истиот граничен премин, за сите екскурзии што ги правеше Гаши, со обезбедувањето на скопскиот аеродром, одењето со сватови. Досега нема ништо од Јавното обвинителство, рече Костовски.
Ако не се почитуваат процедурите се врши упад во правосудниот систем за инсталирање на партиски кадар, нешто што е веќе видено, додаде тој.
- Власта веќе има поставено сопруга на градоначалник на ДПМНЕ во Судскиот совет, близок пријател на Меџити во Советот на јавни обвинители. Значи се враќаме назад, во лоши минати времиња, режим, контролирани постапки, уценети судии и јавни обвинители, нагласи Костовски.