Ковачевски: Поддршката на децата во раните образовни фази е влог за нивната и иднината на општеството

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска учествуваше и се обрати на дводневната конференција „Врската меѓу добросостојбата и училишните постигнувања кај учениците“, која денеска и утре се одржува во Скопје, како заедничка иницијатива на Владата на Република Северна Македонија, Британската амбасада во Скопје, Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ) и Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО).

На свеченото отворање на конференцијата, покрај премиерот Ковачевски, се обратија и амбасадорката на Обединетото Кралство Рејчел Галовеј и претставничката на УНИЦЕФ во нашата земја Патриција Ди Џовани.

Претседателот на Владата Ковачевски истакнувајќи дека за него од аспект на родител и професор од исклучителна важност е добросостојбата на учениците и студентите во текот на нивното образование, а од гледна точка како премиер смета дека конференцијата ќе придонесе за сериозни сознанија и препораки, кои се добредојдени во креирањето на социјалните политики за децата во образовниот процес и на синергијата на тие политики низ програмите на ресорните министерства, за труд и социјална политика и за образование и наука.

„Сите деца, без исклучок, го заслужуваат најдобриот можен почеток во животот. Првите средини кои што им го овозможуваат се пријателските воспитни и образовни институции. Докажано е дека децата коишто растат во поттикнувачка домашна средина и кои имаат шанса за организирани програми во предучилишното и првостепеното образование, постигнуваат подобри резултати и имаат подобри перспективи во животот“, оцени премиерот Ковачевски подвлекувајќи дека наша одговорност е да обезбедиме солиден социјален и емоционален развој во раните години на децата, кои подоцна во зрелоста ќе станат еманципирани граѓани, првенствено за себе, а потоа и за својата заедница.

Посочувајќи го значењето на училиштата како социјални средини каде децата ги градат своите карактери и стекнуваат независност, развивајќи значајни релации меѓу себе и наставниците, Премиерот покрај академското и формално знаење ја оцени и потребата од квалитетни вонпрограмски курикулуми за демократија, за еднаквост, за социјална правда, критичка анализа, важни за улогата на граѓаните во преземање акции за позитивни промени.

„Затоа беше многу важна и одлуката за повторното отворање на училиштата за настава со физичко присуство. Јас, пред започнувањето на конференцијата, имав состанок со претставничката на УНИЦЕФ и таа изрази задоволство дека при носењето на одлуките на Владата, секогаш се водиме од препораките на Комисијата за заразни болести и секако од препораките на УНИЦЕФ како организација која има голем број емпириски студии на располагање, особено во областа на децата и нивниот воспитно-образовен процес“, посочи Ковачевски.

Тој додаде дека поддршката што ја даваме на децата во текот на нивниот развој е најголемата инвестиција и влог за нивна посигурна и попросперитетна иднина и за иднината на општеството.

Посакувајќи успешна работа, премиерот Ковачевски повтори дека учесниците на конференцијата „Врската меѓу добросостојбата и училишните постигнувања кај учениците“ ќе биде од голема помош и добробит при унапредувањето на образовниот систем.

На конференцијата учествуваат експерти за образование од регионот и пошироко споделувајќи искуства и податоци за најновите сознанија во областа на социо-емоционалното учење во раното детство и растечката важност на технологијата и дигиталните вештини, во насока на нивното поврзување со целокупната добросостојба на учениците и менталното здравје.

Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска со своето обраќање го отвори блокот дискусии за значењето на предучилишното образование, потребата од холистичкиот развој во детството и растечката важност на социо-емоционалното учење во раното детство.

На вториот ден од конференцијата, утре, предвидено е да се обрати и министерот за образование и наука Јетон Шаќири, кој ќе ја отвори сесијата која опфаќа дискусии за тоа како образовниот систем да поттикнува иновација, конкурентност и напредок, истовремено негувајќи солидарност и добросостојба.

Прочитајте повеќе

паркингот на поликлиниката „Бит Пазар“

Узурпиран паркингот на поликлиниката „Бит Пазар“, Општина Чаир дозволува парите на граѓаните нелегално да завршат во приватни џебови

Како што пишува „Порталб“, 50 денари еден час, 100 денари за цел ден, е цената …