Ковачевски: Со новите градинки на децата им обезбедуваме среќно детство, заложба ни е да им обезбедиме европска иднина

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, денеска во Општината Чучер Сандево во придружба на министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и градоначалникот на Општината Чучер Сандево, Сашко Комненовиќ ја посетија и официјално ја отворија градинката „Мило мое” во Општината Чучер Сандево.

Оваа Општина за прв пат добива градинка за воспитание и образование на деца до 6 години со простор за да прими 110 деца.

Во продолжение е интегралниот говор на премиерот Ковачевски:

„Денес ја отвораме кончено првата градинка во Чучер Сандево, нешто што на граѓаните им било ветувано пред секои избори, меѓутоа никој не го направил тоа досега. Обврска на Владата и на Министерството за труд и социјална политика, заедно со Општината е да обезбеди предшколска возраст за децата и затоа се потврдува уште еднаш правилото дека не треба да има избори за да се отвори градинка или било каков друг инфраструктурен објект.

Сакам да им честитам на сите деца, сите родители од Чучер Сандево кои што ќе можат овој прекрасен нов објект  да го користат за предшколска возраст и згрижување на децата.

Денес практично го остваривме сонот на Чучер Сандево да имаат градинка која може да згрижи 110 деца. Радува фактот што тука се запишани 70 деца кои никогаш досега не оделе во градинка. Децата од Чучер Сандево мораа да одат во градинките во Општина Бутел и конечно можат да одат тука.

Ме радува фактот што најголем дел од децата не биле во градинка што значи дека нивните родители сега ќе имаат повеќе простор за да ги извршуваат своите обврски.

Владата останува упорна во намерата на децата да им обезбеди најдобри услови за раст и развој, без разлика дали тие живеат во урбани или рурални средини. Сите деца подеднакво се важни, затоа за прв пат овозможивме градинки да се отворат во 10 населени места, а клонови на јавни установи за предучилишно воспитание да се отворат во 17 населени места досега.

Со отворањето на предучилишно воспитни образовни установи не решаваме само проблем на родителите за згрижување на децата, туку вложуваме во унапредување на социјален, интелектуален и физички развој на децата.

Владата предводена од СДСМ досега има дадено поддршка да се отворат 73 градинки, до крајот на годината ќе отвориме уште 10, а идната година ќе следат уште 15. Не ги заборавивме воспитувачките, негувателките, техничкиот персонал, сите оние кои професионално и одговорно се грижат за децата. Како резултат на политиките на оваа Влада, вработените во градинките добија за околу 21% повисока плата, а со Колективниот договор за вработените во оваа дејност, платата на воспитувачките, негувателите и стручниот кадар во градинките од септември се покачи за 15% на сите вработени во оваа дејност. Со Законот за минимална плата, покачување доби и техничкиот персонал.

Предучилишните установи се клучот за социјализација на децата затоа ги повикувам сите општини кои сакаат да аплицираат за изградба на нови предучилишни установи и објекти, може да го направат тоа преку Министерството за труд и социјална политика.

Предучилишното образование е исклучително важно, сите треба да бидеме одговорни и да водиме сметка што е подобро можно за децата. Наша должност е да обезбедиме најдобри услови за престој на децата во градинка и за да се оствари таа намера ние како Влада финансиски ќе ѝ помогнеме на секоја општина која што има потреба и која ќе има желба и проект тоа да го направи. Со вложувањето во нови градинки, отвораме нови работни места што значи и економски развој на општината или населеното место, создаваме нови услови граѓаните да гледаат можност за просперитет и за развој за себе и за своите деца, онаму каде што живеат, а не да размислуваат еден од родителите да седи дома или детето да го носат во друга општина во градинка, како што беше примерот со Чучер Сандево.

Јас верувам дека граѓаните ги ценат овие напори на Владата да се овозможи квалитетен живот на сите подеднакво. Секогаш ќе постојат некои кои од свои лични побуди ќе оспоруваат. Но, не може да оспорат факти, не може да го оспорат зголемувањето на минималната плата, покачувањето на пензиите, покачувањето на просечната плата или отворањето на толкав број на градинки само во текот на оваа година. Владата не заборави никого, финансиски ги поддржавме најранливите категории граѓани самохрани родители, социјални случаи, пензионери со најниски пензии и други категории граѓани.

Со субвенционирањето на струјата, граѓаните плаќаат за 5 пати пониски сметки од тоа што би го плаќале доколку не е субвенцијата на државата за сметките за електрична енергија. За стабилизирање на цените на основните прехранбени производи дадовме субвенции на компаниите кои произведуваат млеко, месо, јајца и други основни производи, обезбедивме субвенции и за земјоделците во рекорден износ оваа година и исплативме сé што имаше заостанато дури од 2015 година. Со антикризните мерки за стопанството овозможивме зачувување на работни места и спречивме затворање на компании и пропаѓање на бизниси. Енергетската криза нема да биде пречка за училиштата, градинките, болниците да немаат греење и струја. Децата, болните, просветните и здравствените работници мора да ги имаат потребните услови. Владата овозможи просветните и здравствени установи да имаат поевтина струја со најновите антикризни мерки.

Граѓаните ќе ценат кој што направил за нив, а не кој што кажал, бидејќи со години се изнаслушаа разно разни празни ветувања. Граѓаните на Северна Македонија заслужуваат квалитетен живот и европска перспектива за нив и нивните деца, оваа земја има голем потенцијал.

Јас исправено стојам пред сите предизвици, Северна Македонија да стане економски силна и стабилна држава, полноправна членка на Европската Унија. Тоа им го должиме на граѓаните, најмногу тоа им го должиме на децата.

Со отворање нови градинки на децата им обезбедуваме среќно детство, но должни сме да им обезбедиме и среќна и просперитетна европска иднина. И од тоа нема отстапување.

Посакувам многу радосни денови во новата детска градинка, сакам да се радуваат тука децата, родителите и целиот персонал којшто тука ќе работи. За убаво нека е!

Прочитајте повеќе

Георгиева од ЗЛС

Георгиева од ЗЛС: Во мандатот на Филипче освен плата, приватните специјализанти добија и платени дежурства (ВИДЕО)

Пред 2018 година не постоеше никаков надоместок за приватните специјализанти, значи таа категорија на лекари …