Ковачевски: Владата има демократски капацитет, младите се вклучени во креирањето на сите политики поврзани со нив

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, денеска учествуваше на настан „Социо-политичко учество на младите“ на кој беа презентирани резултати од телефонска анкета на младите, а во организација на Фондацијата Вестминстер.

„Убаво е кога имаме можност да го слушнеме гласот на новите генерации. За нас како Влада е многу важно отворено да зборуваме за барањата, сугестии и иницијативите на младите. Токму овој инпут, што како претставници на институциите го добиваме директно од вас младите, ни дава можност да бидеме се подобри и попрецизни во исполнувањето на вашите очекувања. Тоа е вашиот придонес за креирањето на политики кои се однесуваат на сегашните и на идните генерации“, рече премиерот Ковачевски во обраќањето.

Премиерот Ковачевски истакна дека Владата има слух и демократски капацитет и развива системски пристап во решавањето на проблемите со кои се соочуваат младите. Меѓу овие постигнувања се: посебниот Закон за младинско учество и младински политики, Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување, Гаранцијата за млади, преку донесувањето и имплементацијата на Законот за практиканство, но и Законот за младински додаток. Овие законски решенија Владата покажа дека благосостојбата на младите и нивното учество во општествениот живот и во креирањето на политиките се врвен приоритет.

Премиерот посочи дека токму како резултат на системските решенија од 43,2% во 2015 година невработеноста на младите сега е намалена на 28,3%. Во континуиран дијалог со студентите и средношколците се донесени мерки со кои се јакне студентскиот и ученичкиот стандард. Во моментот над 36.000 студенти користат субвенциониран студентски оброк во износ од околу 3.000 денари месечно, а за речиси два пати ги зголемивме студентските и ученички стипендии и воведовме нови видови стипендии.

„Сето ова го кажувам единствено како поттик за сите нас заедно да работиме уште повеќе и посериозно на сето она што ќе ви овозможи да си ги остварите соништата тука, дома. На сите нам ни е јасно дека за да се случи тоа, треба да се работи и на приоритети како што се владеење на право, економска и социјална стабилност, еднакви можности за сите и здрава животна средина. Стојам на девизата дека само младите знаат што е најдобро за нив и затоа и понатаму остануваме ваши сојузници и партнери во креирањето општество во кое ќе има место за сите да си го остварат целосниот потенцијал“, рече премиерот Ковачевски.

Прочитајте повеќе

полиција

Двајца приведени за убиството на лекарот во Железара

Две лица се приведени во врска со убиството на лекарот во скопската населба Железара, изјави …