(Видео) Ковачевски во „Брако“: Новите инвестиции значат раст на домашната економија

Премиерот Димитар Ковачевски ја посети велешката компанија од метало-преработувачката индустрија „Брако“ која стартува нов инвестициски циклус во износ од 10 милиони евра и заедно со вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, како и со раководството на „Брако“, ја истакнаа важноста од новите инвестиции во технологија и човечки ресурси за економски развој и во услови на најголемата светска криза.

Премиерот Ковачевски истакна дека фокусот на Владата во услови на најголемата светска криза во поновата историја, е насочен кон три цели, ублажување на последиците од кризата, мерки за економски развој на среден и долг рок, како и реализација на капиталните инвестиции.

„Сите овие цели со заедничка посветена работа на Владата, коморите, синдикатите, експертската јавност, како и со поддршка на меѓународната заедница водат кон севкупен економски развој на државата. За време на обиколката на компанијата „Брако“ имавме можност да го видиме процесот на производство, како и новите инвестиции со вкупна вредност од околу 10 милиони евра. Станува збор за нова производствена хала наменета за жичани производи, фотоволтаична централа за потребите на фабриката, како и изградба на нов производствен погон и нова Управна зграда на компанијата. Овие инвестиции се многу значајни и нивната вредност е уште поголема со оглед на тоа што се случуваат во моменти на најголема економско-енергетска криза. Новите инвестиции дополнително значат и раст на бројот на работни места, како и натамошно осовременување на производните капацитети. Од над 1.000 вработени во „Брако“ 150 се инженери, додека останатите се со најразличен образовен профил. Имајќи го ова предвид просечната нето месечна плата во фабриката изнесува над 30.000 денари“, рече Ковачевски и додаде дека влогот во човечки капитал, во работниците е силно поддржан од Владата и затоа уште од старт реализиран е раст на минималната плата од 18.000 денари, а паралелно согласно статистика расте и просечната плата и истата изнесува скоро 30.000 денари, што како цел Владата ја вети и ја реализира.

Претседателот на Управниот одбор на „Брако“, Кочо Анѓушев во своето обраќање истакна дека новите инвестиции значат зголемување на продуктивноста и конкурентноста.

„Денес го означуваме стартот на новиот производствен погон за производство на поцинкувана жица по највисоки светски стандарди. Вложуваме во најсовремена технологија која ќе ни обезбеди загарантирано вкупно производство на поцинкувана жица и жичани производи од најмалку 3.000 тони месечно по сите еколошки стандарди. „Брако“ инвестира и во сопствени „зелени“ енергетски капацитети, фотоволтаична централа која што по комплетирањето на изградбата ќе биде со инсталирана моќност од 1,5 MW и ќе задоволува 40 отсто од потребите на електрична енергија на производствените капацитети што ја прави нашата компанија независна и стабилна и во услови на глобална енергетска криза. Вложуваме и во нов погон за производство на возилата од брендот „Грин Машинс“ каде што ќе ги произведуваме новите GM720ze и GM955, комплетно развиени, од концепт до готов производ од инженерскиот тим на „Грин Машинс“ тука во нашата фабрика“, рече Анѓушев.

Компанијата „БРАКО“ има отворени претставништва во соседна Србија, во Холандија, Германија, Велика Британија и во САД. Станува збор за меѓународен бренд што е активен и конкурентен во повеќе области, креирајќи производи со висока додадена вредност како медицински кревети и друга опрема, потоа опрема за вилушкари, опрема за аеродроми, опрема за мали хидроелектрани како и возила за чистење урбани средини. На настанот присуствуваа и членови на стопанската комора, на локалната самоуправа, медиуми.

Прочитајте повеќе

Тупанчески

Билатерални средби на Тупанчески во Шибеник во рамките на Регионалната конференција

Министерот за правда, Никола Тупанчески оствари повеќе билатерални средби во рамките на Регионалната конференција ,,Култура …