Ковачевски Ватикан

Ковачевски: Взаемната доверба и пријателство со Ватикан е потврдена преку заедничкото историско, културно и религиско наследство

Премиерот Димитар Ковачевски ја предводи државно-црковната делегација на аудиенцијата кај Папата Франциск, Светиот Отец на Римокатоличката Црква во Ватикан. По тој повод ви ја пренесуваме изјавата во целина на премиерот Ковачевски од Ватикан:

Почитувани претставници на медиумите,

Утрово ја имав таа чест и можност да ја предводам државно-црковната делегација на аудиенцијата кај Папата Франциск, Светиот Отец на Римокатоличката Црква овде во Ватикан.

Посетата на Ватикан и средбата со Папата е една од централните активности за време на чествувањата што секоја година во Рим ги организираме по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите браќа Кирил и Методиј.

Тоа беше убава можност да го изразиме нашето задоволство за зголемената динамика и одличните односи со Ватикан.

Имавме прилика да зборуваме за теми кои се од суштинско значење, но и од заеднички интерес за Република Северна Македонија и Ватикан. Уште еднаш посочив за огромната вредност на посетата на Папата Франциск на нашата земја во 2019 година.

Овој историски настан беше потврда за високото ниво на взаемна доверба, разбирање и пријателство меѓу Република Северна Македонија и Ватикан. Нашата соработка и признание од страна на Ватикан е потврдена со тоа што ликовите како што е Света Мајка Тереза и Светите браќа Кирил и Методиј, кои се дел од нашето заедничко наследство, Ватикан ги прогласи за покровители на Европа.

Оваа прилика сакам да ја искористам и да ги потенцирам темелните историски и културни врски меѓу Северна Македонија и Ватикан како движечка сила за унапредување на нашата соработка во повеќе области.

Отпочната е иницијатива за потпишување на договор, односно конкордат помеѓу Северна Македонија и Светата Столица, со кој ќе се регулира статусот на Католичката црква во нашата земја и ќе се унапреди соработката во области од взаемен интерес.

Од огромно заедничко значење и интерес е и натамошно унапредување на институционалната соработка меѓу Националната библиотека „Св. Климент Охридски“ и Ватиканската библиотека за соработка и размена на искуства во реставрацијата, конзервацијата и дигитализацијата на материјалите на книжното наследство, како и за соработка меѓу Архивот на Ватикан и Државниот архив на Република Северна Македонија.

Средбата со Папата Франциск, и особено средбата со државниот секретар Паролин, ги искористивме за разговор околу можностите за соработка во областа на високото образование со институтите на Ватикан. Поттик за оваа наша заедничка желба доаѓа од успешната соработка помеѓу Папскиот универзитет „Урбаниана“ и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

На мое огромно задоволство со Папата Франциск се согласивме дека поддршката на најранливите наши сограѓани во време на криза е суштината на нашето делување и политики. Во овој контекст би сакал да потенцирам дека почитувањето на разликите како еден од столбовите на градењето на општество во кое има место за сите е пресликана во традицијата на меѓурелигиска толеранција, почитување на разни верски убедувања како и негувањето на слободата и демократијата во Република Северна Македонија.

Пораките за надеж и желба за просперитет во постпандемискиот период но и во време на справување со најголемата криза досега одекнуваат силно по посетата и во тој дух верувам дека плодната соработка со Ватикан ќе се продлабочи бидејќи ги делиме истите вредности на меѓусебно разбирање, поддршка за најранливите, еднаквост, толеранција и човечко достоинство.

Прочитајте повеќе

(Видео) Ковачевски во Тирана: ЕУ покажа дека е посветена на проширувањето

Премиерот Димитар Ковачевски денеска на Самитот Западен Балкан – ЕУ во Тирана изрази задоволство, што …