Крадци украле 30.000 шишиња вино во вкупна вредност од околу 5 милиони евра од позната италијанска винарија, објави Би-Би-Си.
„Марчези Антинори“, една од најголемите семејни винарии во Италија, соопшти дека кражбата во нивниот магацин во Тоскана се случила во саботата, додека компанијата се подготвувала да испрати пратка до клиенти во странство.
Се претпоставува дека најмалку седум маскирани мажи ги деактивирале алармите и ги исклучиле камерите пред да натоварат два големи камиони со тоскански црвени вина Тињанело, Солаја и Гвадо ал Тасо на компанијата.
Ренцо Котарела, извршниот директор, за „Кориере дела Сера“ изјави дека ова е најголемата кражба од ваков вид во Италија.
„Кражба од ваков обем и вредност сигурно никогаш не се случила во Италија“, рече тој.
Тој додаде дека се надева дека властите ќе можат да го пронајдат украденото вино.
„Два камиони полни со стока не можат туку така да исчезнат во воздух. Тосканските патишта се полни со камери; можеби со малку среќа ќе можеме да вратиме барем дел од шишињата што ни се украдени“, изјави тој.
Компанијата верува дека изборот на шишиња, кои обично се продаваат за цена помеѓу 150 и 500 евра по шише, сугерира дека крадците биле познавачи на вино и имале внатрешно знаење.
Кражбата била откриена дури во понеделник наутро, кога персоналот пристигнал на лице место. Досега нема уапсени.
Извор: МЕТА
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место