Крајна дестинација за старите машини: Лани увезени 29.052 автомобили, над 80 отсто од нив половни [инфографик]

Ниту корона кризата, ниту аерозагадувањето во градовите, ниту новиот данок на половни возила не успеаја да направат промени кај увозот на автомобили во Македонија. Како и во изминатите години, и во 2020 година над 80 отсто од увезените автомобили биле половни, кои претходно биле набавени на старо од европските земји. А токму развиените земји, од година во година воведуваат сè построги правила за набавката на возила на дизел гориво и бензин, стимулирајќи го истовремено купувањето електрични автомобили кај нивните граѓани.

И додека Норвешка за само неколку години успеа да ги промени навиките на граѓаните за набавка на нови возила кон стимулирање на електричните автомобили, во Македонија промени речиси и да нема. Лани во земјава биле увезени вкупно 29.052 автомобили, од кои дури 23.880 биле половни (82,2 отсто), додека 5.172 биле нови (17,8 отсто), покажуваат податоците на Царинската управа на РСМ.

Апсолутната доминација во увозот на половни автомобили од над 80 отсто низ годините останала непроменета во 2020 година, а со достигнувањето на рекордната просечна старост на автомобилите во земјава од 19,3 години во 2019 година, повеќе не важи ниту оправдувањето дека увозот на половни возила од странство ќе го поднови возниот парк на нашите граѓани, а со тоа и ќе се подобри безбедноста во сообраќајот и ќе се намали аерозагадувањето.

Наместо ова, статистичките податоци покажуваат дека новите автомобили доминирале како удел во увезените возила пред 2010 година, кога огромно мнозинство од над 70 отсто од она што пристигнувало во земјава биле нови автомобили. Во меѓувреме, бројот на регистрирани автомобили во земјава драстично порасна, а со тоа како никогаш претходно се постави прашањето за влијанието на загадувањето на воздухот од транспортот. Од 2009 година до лани, во земјава влегле 341.079 половни автомобили наспроти 66.021 нови.

Податоците покажуваат дека корона кризата го намалила увозот на автомобили во земјава лани во споредба со 2019 година. Сепак, статистичките податоци покажуваат дека увезените автомобили во изминативе 12 месеци не се ништо полоши од 2017 (28.410) и 2015 година (27.440), кога во земјава биле увезени помалку автомобили во споредба со 2020 година (29.052).

Законот за данок на моторни возила што се воведе на 1 јануари 2020 година не доведе до промени во зголемување на процентуалниот удел на нови автомобили што биле увезени во земјава лани. Споредбата на статистичките податоци покажува дека помалите давачки за автомобилите кои имаат помали емисии на јаглерод диоксид не вродиле со плод во зголемување на бројот на нови автомобили што биле увезени во земјава, а лани дури оваа бројка од 5.172 автомобили е најмала како број на увезени нови автомобили од 2016 година до денес.

Единствена фрапантна промена во изминатава деценија е годишната потрошувачка на дизел гориво во земјава. Во 2009 година, Македонија трошела 266.999 тони дизел, додека во 2019 година како општество сме потрошиле 642.742 тони дизел, покажуваат податоците што неодамна ги објави граѓанската „02 Иницијатива“.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …