Кредитната агенција „Фич“ го потврди рејтингот на земјава на „ББ+“ со негативен изглед. Потврдата на рејтингот се должи од една страна на спроведувањето на добри политики на владеење, развој на човечкиот капитал, индикаторите за поволна бизнис-клима, кохерентноста на макроекономската и фискалната политика, како и процесот на евроинтеграции. Од друга страна се негативните ефекти на Ковид-кризата врз економијата.

Кредитната агенција проектира пад на македонската економија во 2020 година за 5% и опоравување на економијата во 2021 и 2022 година со раст од 3,9% и 4,5% респективно. Очекувањата се дека во следниот период ќе се зголемат инвестициите и ќе зајакне приватната потрошувачка. Од „Фич“ наведуваат дека текот на опоравувањето ќе биде зависен од текот на здравствената криза, односно дали во земјата ќе има нови мерки кои ќе влијаат на затворање на капацитетите, но и каква ќе биде надворешната побарувачка со оглед на економскиот модел на македонската економија базиран на извозот од странските директни инвестиции во земјава.

Очекувањата на кредитната агенција за буџетскиот дефицит за 2020 година се дека ќе изнесува 8,3% од бруто-домашниот производ, што е малку пониска од владината проекција која изнесува 8,5% од БДП. Тие наведуваат дека продлабочувањето на фискалниот дефицит се должи на дополнителниот четврт пакет на антикризни мерки, кои предвидуваат фискална поддршка на работодавачите за исплата на плати во четвртиот квартал од 2020 година, социјални трансфери и таргетирани даночни олеснувања. Кредитната агеција проектира дека буџетскиот дефицит ќе се намали догодина на 4,7% и дека ќе продолжи да се намалува на среден рок. Државниот долг се очекува до крајот на годината да достигне 50,9%, додека негова стабилизација се очекува во 2021 и 2022 година на 53% од БДП.

Од „Фич“ посочуваат дека Предлог-буџетот за 2021 година содржи мерки кои се фокусирани на најтешко погодените сектори, вклучително преку мерки за вработените, за даночни олеснувања. Исто така, истакнуваат дека за прв пат се претставува повеќегодишен буџет.