Кристина Тасева и Сара Стефановска освоија бронзени медали на Европската олимпијада по информатика

Бронзени медали на Европската олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД), што годинава прв пат се одржува во Цирих, освоија Кристина Тасева од Скопје, ученичка во трета година, и Сара Стефановска од Крива Паланка, ученичка во деветто одделение, кои се дел од тимот од Здружението на информатичари на Македонија.

Поради пандемија, учеството на тимовите беше онлајн, а учесниците од нашиот во деновите на натпреварот, беа сместени во хотел во државава, соопштија од Здружението.

Во нашиот тим на олимпијадата што завршува денеска, се и натпреварувачките Атина Рувинова од Охрид и Софија Велковска од Скопје, раководени од Емил Станков и Владислав Бидиков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Секоја земја на ЕОИД учествува со тим од четири натпреварувачки, лидер и заменик лидер, а ученичките се натпреваруваат во решавање на алгоритамски проблеми во два натпреварувачки дена.

На ЕОИД 2021 учествуваат 157 ученици од 31 европска земји и 12 земји – гости надвор од европскиот континент (САД, Канада, Индија, Јапонија, Египет, Казахстан и други).

Од Здружението посочуваат дека голем е успехот на македонските натпреварувачки кои во силна конкуренција освоија два бронзени медала, а и останатите две натпреварувачки се во рангот на поени што овозможуваат посебна олимписка пофалба. Денеска започнува и 33. Интернационална олимпијада по информатика во Сингапур, на која учествуваат тимови од држава.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Победник на вечерта: „Опенхајмер“ освои седум Оскари

Филмот „Опенхајмер“ ја оправда фаворитската улога на 96. доделување на најпрестижните филмски награди во светот. …