КриТинк: Продолжуваат обидите за измама со „кинески“ криптовалути преку огласи на „Фејсбук“

КриТинк: Продолжуваат обидите за измама со „кинески“ криптовалути преку огласи на „Фејсбук“

Дезинформации за криптовалути продолжуваат да се промовираат преку огласи наменети за корисниците на Фејсбук од Северна Македонија. Наседнувањето на вакви дезинформации потенцијално може да овозможи крадење лични податоци и финансиски измами, предупредува КриТинк.мк во својата нова анализа.

Проектот „КриТинк“ предупреди на оваа опасност и во текот на 2020 година, кога се користеа буквално исти лажни написи за Кина, припишани на угледниот „Форбс“, како и во текот на 2019 година, кога дезинформации за Шведска служеа како мамка за купување сомнителни криптовалути.

Како и претходно, огласите се лансираат преку страници на Фејсбук кои навидум немаат никаква врска со такви вести, во случајов некаква страница за шетање кучиња (Walk the Dog).

Со објавата насловена „48% од Кинезите сега го прават ова“ (48% Of The Chinese Now Do This!) се користи манупулативната техника наречена „социјален доказ“ (анг. social proof) според која луѓето се поттикнуваат да копираат акции на другите кои заради нивната наводна бројност се прикажани како да се исправни. Таа објава води кон напис со кој читателите се наведуваат да купуваат одредени криптовалути, а во кој нема ни збор дека скоро половина од Кинезите се нивни муштерии.

Злоупотреба на идентитетот на магазинот „Форбс“

Написот е претставен како да е од угледниот „Форбс“ магазин, но всушност е објавен на веб-сајт со домен scifitechanddigital.com. Според јавно достапните податоци, овој веб-сајт нема никаква врска со „Форбс“.

Сопственоста на еден веб-сајт може да се дознае преку интернет-алатки кои ја вршат функцијата „whois“ (во буквален превод „кој е“). Пример за такви алатки се lookup.icann.org на ICANN или, пак, други апликации како who.is.

(Напомена: Сопственост на .mk домени може да се дознае преку регистарот на МарНет – whois.marnet.mk.)

Доколку се употреби некоја од горенаведените алатки, се дознава дека доменот е регистриран преку фирма која овозможува криење на идентитетот на вистинскиот сопственик, наречена WhoisGuard, Inc. и регистрирана во Панама.

Иако и на прв поглед ваквите огласи изгледаат сомнително (бидејќи темата на страницата и содржината не се сродни), доколку некој кликне на него и земе да го чита поврзаниот напис, во самото заглавие има низа индикации што укажуваат дека се работи за манипулација.

КриТинк: Продолжуваат обидите за измама со „кинески“ криптовалути преку огласи на „Фејсбук“

Првиот и основен индикатор е дека адресата на веб-страницата и заглавието на написот не се поклопуваат.

Поупатените може да го споредат написот со ист таков кој беше промовиран преку кампања за слични огласи во 2020 година. Се работи за копија во која е изменет датумот (да даде илузија дека станува збор за вест) а сите други елементи, дури и наводниот број на „читања“ се исти – 22.089. Всушност, веб-сајтот воопшто не ги брои новите читања, како што тоа би го правел легитимен медиум.

Фиктивен број на читања на измамничикот напис

Фиксниот висок број на читања укажува на обид да се создаде погрешен впечаток дека написот е популарен, уште едно користење на методот „социјален доказ“. Со користење оваа манипулативна техника се искривуваат основните демократски вредности, бидејќи се промовира погрешниот став дека ако нешто е (по)популарно значи дека е (по)вистинито.

Во заглавието е повторно наведено дека написот е од „Форбс“ и дека негов автор е лице претставено како „новинар“, во обид да се злоупотреби кредибилитетот на таа професија. Едноставна проверка на сајтот на „Форбс“ веднаш покажува дека таков напис не е објавен од угледниот медиум, ниту, пак, дека лице со тоа име таму врши функција на новинар.

Самиот напис потоа содржи цитат од бизнисменот Ричард Брансон, кој нема врска со тој производ, но е наменет да поттикне доверба кај читателот преку манипулативната техника „повикување на авторитет“ (анг. appeal to authority). При тоа, нема никаков доказ дека Брансон воопшто го има кажано она што е наведено во цитатот во форма на линк или видео клип.

Потоа од читателот се бара да ги предаде своите лични податоци, по што се овозможува префрлање пари на фирмата која стои зад целата шема.

Ризикот дека се работи за финансиска измама е огромен

Употребата на манипулативни техники и дезинформации да се доведе корисникот до таа фаза укажуваат дека се работи за нешто сомнително. Исклучително е непрепорачливо да се даваат лични податоци на овој начин.

Доколку сакате да дознаете повеќе за различните техники на психолошка манипулација наведени во написов, препорачуваме да го прочитате прирачникот „Со критичко мислење до разобличување на дезинформации, изработен во рамки на проектот „КриТинк“ кој го водат „Метаморфозис“ и „Евротинк“ со поддршка на Европската Унија.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Промоција на винил компилација „Поп култура“, во чест на Мирко Попов

Промоција на винил компилација „Поп култура“, во чест на Мирко Попов

Компилациската плоча содржи песни од млади современи македонски поп артисти и беше еден од последните …