Кривична пријава за поранешниот градоначалник на Кривогаштани, Тони Заткоски

Пишува: Зоран Милошески

Министерството за внатрешни работи, односно Надворешната канцеларија за криминалистички работи, до Основното јавно обвинителство Прилеп поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на општина Кривогаштани, Тони Заткоски, поради постоење основи за сомневање за сторено кривично дело „Злоупотреба на службената должност и овластување“.

МВР го сомничи Заткоски, дека во периодот од 2013 до 2016 година, во својство на градоначалник на општина Кривогаштани, склучил повеќе договори со фирма, бензинска пумпа, за набавка на гориво за моторни возила на општината. Според зборовите на портпаролот на СВР Битола, Сања Стаматова, иако согласно договорот операторите биле обврзани горивото да го испорачуваат во моментот кога возилото во сопственост на општината ќе полни гориво, пријавениот не се придржувал на склучените договори.

„Пријавениот не се придржувал на склучените договори и дозволувал и овозможувал гориво да се става во возила што не се во сопственост на општина Кривогаштани, а бензиските пумпи да го фактурираат горивото на сметката на општината, што е спротивно на општиот колективен договор за јавниот сектор во Република Македонија. На тој начин, на општина Кривогаштани ѝ била направена материјална штета во висина од 212.976,00 денари“, изјави Стаматова на денешната прес конференција одржана во Полициската станица Прилеп.

Портпаролот на СВР Битола истовремено информираше дека Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп против 7 други лица, поднесла две кривични пријави поради постоење основи за сомнение за сторено кривично дело „Насилство“.

Едната кривична пријава е поднесена против лицата С.Р.(22), М.Т.(24) и А.М.(22), сите од Прилеп, затоа што на 18. март физички го нападнале Ф.П.А.. Удирајќи го со клоци, тупаници и стаклени шишиња, му нанесле тешки телесни повреди, при што Ф.П.А. бил задржан на лекување во Општата болница „Борка Талески“ во Прилеп. Судија на претходна постапка, на С.Р. и М.Т. им одредил притвор до 8 дена.

Другата кривична пријава е поднесена против лицата З.П(30), К.П.(36), М.Д.(30) и А.Р.(42), сите од Прилеп, затоа што на 15. март го нападнале Г.Р. додека со 16 годишна девојка седел во неговиот угостителски објект. Четворицата пријавени го нападнале Г.Р. и го удирале по глава, додека едниот од нив вперил пиштол кон девојката, заканувајќи ѝ се да не пријавува во полиција. Поради сериозноста на повредите, од страна на прилепската Итна медицинска помош, Г.Р. бил префрлен на комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.

 

Прочитајте повеќе

Битиќи: Наскоро доаѓа АДА – првиот дигитален асистент во јавниот сектор во регионот

Битиќи: Наскоро доаѓа АДА – првиот дигитален асистент во јавниот сектор во регионот (ВИДЕО)

„Транспарентноста што пак ќе доведува и до намалување на корупцијата е еден од високо поставените …