„Кротки“ функционери од две партии цицаат

„Кротки“ функционери од две партии цицаат

Пишува: Зоран Милошески

Шареноликоста од различни мислења по едни исти прашања, е богатството на демократијата и демократските општества. Меѓу другите, и на нашето.

Да се прифати или не францускиот предлог? – беше и сеуште е главното прашање од чиј одговор зависи патот по кој ќе се движи државата.

Од причина што дури и за најбанални теми имале дијаметрално спротивни ставови, новата меѓупартиска поларизација и новото продолжение на традиционалната поделба на „предавници“ и „патриоти“ кое го предизвика предлогот, не претставува никакво изненадување.

Истото се случи и со „обичните“ граѓани кои не ја пропуштија можноста, преку електронските медиуми и социјалните мрежи, јавно да го искажат своето (не)согласување со предлогот на француското претседателство за решавање на спорот со Бугарија. Тоа што најгласни беа истите оние „универзални експерти“ кои со години ја испорачуваат дневната доза на „стручно“ мислење за сите теми кои може да ви паднат на памет, треба да биде предмет на анализа на една гранка на медицината.

Но, она што е прилично некарактеристично, е реакцијата на „необичните“ граѓани, односно на повеќемина актуелни функционери и други вршители на раководни општествени функции од владејачкото мнозинство. Тие, имено, не само што не се согласија, туку со своето присуство на протестите организирани од страна на опозицијата или пак преку социјалните мрежи, жестоко се спротивставија на владиниот став по однос на францускиот предлог.

За да бидеме начисто: отсекогаш, вклучително и сега, сум бил непоправлив борец за почитување на правото на слобода на говор на секој поединец и за легитимното право на јавно искажување на личниот став по било кое прашање. Така било, така и ќе остане.

Меѓутоа, овде станува збор за нешто друго. Станува збор за владини службеници, чија должност и задача е да ги спроведуваат политиките на Владата. За што, впрочем, и земаат плата!

На што би личеле институциите, не само кај нас, туку во било која друга држава, доколку секој државен службеник на свој начин си ги толкува и спроведува владините одлуки, во зависност од тоа дали му се бендисуваат или не, дали се во склоп со неговите сфаќања и размислувања за функционирање на системот?

Оттаму, доколку на било кој од нив, особено на оние сместени во комфорните кабинети, обезбедени со високи плати и дузина привилегии незамисливи за обичните смртници, не им се допаѓа политиката на Владата, на оваа или било која следна, тогаш единственото нешто кое треба да го направат е – да си поднесат оставка! Не сега и веднаш, ами вчера!

Само така ќе покажат дека држат до својот личен и професионален дигнитет, што истовремено ќе биде чин достоен за почит како од морален, така и од етички аспект. Притоа, треба да се има во предвид фактот дека секогаш им останува алтернативата да го дадат својот придонес во рушењето и промената на власта и на тој начин да ја задржат можноста, на некоја идна Влада, да и’ ја наметнат и стават на располагање својата креативност, генијалност, патриотизам… што и да е.

Доколку тоа не се случи, а гледаме дека не се случи, тогаш Владата и владините институции треба да ги разрешат таквите „слободоумни“ и добро позиционирани вршители на општествени функции, кои претпладне се со партизаните а попладне со четниците, кои назад го носат кралот, а напред Тито.

Така би постапила секоја Влада која своите политики, меѓу другото, ги темели на принципиелност и доследност во нивното практикување. Оти, седењето на две столици, играњето на две карти и цицањето од две мајки, значи рушење на дигнитетот на институциите и нивно разнебитување од внатре. Полека и систематски, се’ до нивно конечно урнисување.

Слично е и со останатите институции на општинско ниво, каде на последните локални избори дошло до промена на власта, а во кои сеуште седат директори и раководители именувани од претходната власт кои, исто така, јавно демонстрираат ставови спротивни на оние на Владата.

Без разлика дали станува збор за францускиот предлог или за било кое друго прашање, треба да се знае дека сите тие на функциите дошле на предлог на СДСМ или на другите партии од владината коалиција. Нивно и сечие демократско право, е своите лични ставови и размислувања да ги наметнат низ дебата во партиските органи и тела. Ќе успеат во тоа или не, зависи од ставот на мнозинството. Тоа е, впрочем, начинот на кој функционираат политичките субјекти во сите демократски општества.

Бидејќи, во овој случај, партиите не се тие кои можат да ги разрешат од функциите, им останува да побараат од нив самите да поднесат оставки. Идентично како и во претходниот случај со државните функционери, мала е веројатноста дека именуваните или избраните раководители ќе покажат доблест и ќе се откажат од удобните фотелји.

Но, дури и од еден таков исход, ќарот кој ќе го извлечат социјалдемократите ќе биде голем: ќе видат со кого имаат работа, кому дале доверба да ги брани боите на партијата, ќе ги увидат грешките во катастрофалното водење на кадровската политика и, конечно, ќе се пребројат во од.

Оти, темните облаци опоменуваат дека трубите за мобилизација треба да им бидат при рака…

ПС: Самоволието е преодна фаза од демократија во анархија. Лицемерието, пак, му иди нешто како бонус!

Прочитајте повеќе

ОБСЕ: Донесувањето на изборниот закон на РС е противуставно

ОБСЕ: Донесувањето на изборниот закон на РС е противуставно

Воспоставувањето на паралелни структури кои ја поткопуваат севкупната безбедност и стабилност на земјата се против …