Пишува: Сотир Габелоски

Внатрешните ревизии во повеќе институции во Крушево покажаа дека истите биле раководени недомаќински, оставени во големи долгови и служеле за развивање на приватни бизниси на поединци.

Изминатите години со парите на крушевчани се пиело и јадело, јавните ресурси биле присвојувани од поединци, нечии бизниси „цветале“. Во меѓувреме се прекршил и некој закон, а според информациите кои ги поседуваме, веќе се водат истражни постапки на неколку фронтови кои стигнуваат до највисоките структури на доскорешниот локален режим.

Сега откако битката со локалниот режим во Крушево финишира и кога претстои нова битка за подобро Крушево, неколку прашања висат во воздухот: што мислеле локалните функционери додека ги практикувале гореспоменатите дела? Дека никогаш нема да паднат од власт? Дали не биле свесни за прекршоците што ги прават? Или можеби во сржта им е да крадат, кршат закони и злоупотребуваат пари на граѓаните? Или пак се само лоши личности?

Крушевчани веројатно имаат одговор барем на дел од овие прашања. Меѓутоа за нив е важно да знаат, што после 15 октомври, барајќи притоа и одговорност за лицата кои ги злоупотребиле функциите и парите.

Градоначалникот на Крушево, Томе Христоски, ги обелоденува сите податоци од времето на претходната власт кои упатуваат на недомаќинлак, расипништво и забивање на нож во грб на граѓаните на Општина Крушево. Но, она што дополнително треба да се случи, е резултатот кој истражните органи треба да го дадат. Барањето одговорност за поранешните функционери, раководители на јавни претпријатија и сите други кои располагале со јавни пари, лежи во службите на Министерството за внатрешни работи и зависи од тоа колку тие ќе си ја завршат својата работа.

Целосното разнебитување на една група на луѓе кои знаеле само за уништување, оди во иста линија со позитивниот развој на нештата во Крушево, но и претставува порака за секоја идна локална самоуправа.

Потребна е одговорност, соодветна казна, но и развој на ова наше мало место на кое не му остануваат премногу опции.