Крушевчани по петти пат го одбележаа празникот Дева

Пишува: Зоран Милошески

По петти пат Крушево го одбележа празникот Дева. Традицијата на одбележување на празникот кој е единствен од ваков вид не само во Македонија туку и многу пошироко, влече корени од Романија. Во минатото, голем број крушевчани таму оделе на печалба, од каде и го донеле обичајот на славење на Дева. Витлеемската ѕвезда, како предвесник на раѓањето на Христос, е главниот симбол на овој празник. Оттаму, Дева е, всушност, славење на ѕвездата која ја следеле мудреците.

Идејата за востановување на манифестацијата „Дева – во чест на новото раѓање“, започна како проект од областа на одржливиот развој на туризмот на учениците од СОУ „Наум Наумовски-Борче“ од Крушево, чија цел беше зачувување на традицијата и збогатување на туристичката понуда на градот.

Одбележувањето на празникот се случува на 5 јануари. Соодветната сценографија го доловува амбиентот на библискиот настан: изградена е колиба како асоцијација на пештерата во која се родил Исус, јагне како симбол на новиот живот и хор од ученици кои пеат црковни песни. Во вечерните часови, деца со Витлеемската ѕвезда во рацете одат по домовите на крушевчани и пеејќи „Дева денес го раѓа превечниот Бог“, го предвестуваат раѓањето на Исус.

Крушевскиот градоначалник Томе Христоски, вели дека празникот „Дева“ претставува уникатно обележје на традицијата и културата на општина Крушево.

„Чествувањето на овој празник со песна која се шири низ крушевските улици, зборува за гостопримливоста и позитивниот дух на нашите сограѓани. Ја користам оваа прилика да им честитам на учениците од Гимназијата „Наум Наумовски-Борче“ кои активно работеа на проектот „Дева – во чест на новото Христово раѓање“ и го спроведоа како вистински професионалци. Локалната самоуправа им стои на располагање на сите млади кои сакаат да работат и да го промовираат Крушево. Како градоначалник, видов многу млади кои се самоиницијативни и сакаат да се вклучат во процесите кои ги водиме. Локалната самоуправа ќе го поддржи секој млад човек во остварување на личните и заедничките стремежи“, изјави градоначалникот Христоски.

Манифестацијата има и одредена социјална компонента, бидејќи адетот подразбира и собирање пари. За таа цел учениците изработиле каса со катанец и клуч во која граѓаните донираат симболични средства. После завршувањето на манифестацијата, собраните средства му се подаруваат на првото бебе кое ќе се роди во Крушево во периодот помеѓу 7.јануари од тековната и 6.јануари од наредната година.

 

Прочитајте повеќе

Криза во Србија: Вучиќ најавува вонредни избори

Српскиот претседател Вучиќ изјави дека е јасно оти ќе има вонредни избори во земјата. Тој …