Пишува: Зоран Милошески    

Шеста година по ред, на 5.јануари во Крушево беше одбележан празникот „Дева“. Своите корени празникот ги влече од Русија и Украина, но пред сѐ од Романија, каде во минатото голем број крушевчани оделе на печалба и од каде го донеле обичајот на славење на „Дева“. Како предвесник на раѓањето Христово, Витлеемската ѕвезда е главниот симбол на овој празник. „Дева“ е, всушност, славење на ѕвездата која ја следеле мудреците.

Легендата вели дека кога Исус се родил во Витлеем, на небото се појавила ѕвезда. Мудреците од истокот ја следеле таа ѕвезда и кога дошле да му се поклонат на Синот Божји, му принесле злато, ливан и смирна. Тие ги следеле пророштвата и знаеле дека ќе се роди Синот Божји, кој ќе дојде на земјата на начин што ќе ја земе човечката природа на себе и ќе ја обожи, со што ќе даде пример дека сите ние треба да ги следиме и исполнуваме божјите заповеди. На таков начин му било кажано на човекот дека може да се спаси и да живее вечен живот.

Заради доловување на автентичниот амбиент на библискиот настан, одбележувањето на „Дева“ е проследено со соодветна сценографија. За таа цел, на плоштадот „Никола Мартиноски“ се гради колиба како асоцијација на пештерата во која се родил Исус, јагне како симбол на новиот живот, додека хор од ученици пее црковни песни. Согласно адетот, деца со Витлеемската ѕвезда во раце одат по домовите на крушевчани, пеејќи „Дева денес го раѓа превечниот Бог“, со што го предвестуваат раѓањето на Исус.

Оваа година, како организатори на манифестацијата “Дева – во чест на новото раѓање” се појавија Локалниот Младински Совет на Општина Крушево и Средношколската заедница при СОУ „Наум Наумовски – Борче”.

Според Билјана Стојаноска од Локалниот Младински Совет, сите иницијативи кои помагаат во привлекувањето на туристи се прифатливи и истите секогаш ќе бидат поддржани од нивна страна.

„За нас младинските иницијативи се многу важни и би ја поддржале секоја младинска иницијатива, особено онаа која е во насока на зачувување на културното наследство, традицијата, обичаите во Крушево и иницијативите кои помагаат во привлекување на туристи и кои за нив нудат нови содржини. Искрено се надеваме дека овој проект ќе ги поттикне младите луѓе на нови иницијативи“, вели Стојаноска.

Стојаноска потенцира дека манифестацијата била поддржана од многу локални угостители, со чија добра волја биле донирани посни јадења за бадниковата трпеза која беше поставена на плоштадот каде се одржуваше манифестацијата.

„Хотелите „Монтана Палас“ и „Панорама“, „Крушевска Одаја“, гостилница „Марчело“, пицериите „Рома“ и „Скар“ ја донираа храната, а кафулињата „Лион“, „Snow Kitchen and Bar“ и „Old School“ на организаторите им ја дадоа својата несебична логистичка поддршка. Годинава, за прв пат храната која остана од бадниковата трпеза им беше подарена на луѓето присутни на настанот, а кои спаѓаат во категоријата на социјално-загрозени семејства“, истакнува Стојаноска.

Во еден свој дел манифестацијата има и социјална компонента, бидејќи адетот подразбира и собирање пари. Учениците изработиле каса со катанец и клуч со насликани библиски мотиви, во која граѓаните донираат симболични парични средства. Собраните средства му се подаруваат на првото бебе кое ќе се роди во Крушево, во периодот помеѓу 7.јануари од тековната и 6.јануари од наредната година.

„Дева“ е еден од заштитните знаци на Крушево, манифестација која претставува уникатно обележје на традицијата и културата на општината, празник кој зборува за гостопримливоста и позитивниот дух на крушевчани.

Одбележувањето на празникот започна како проект од областа на одржливиот развој на туризмот, насловен како „Дева – во чест на новото раѓање“, кој пред 6 години го реализираа учениците од СОУ „Наум Наумовски-Борче“ од Крушево. Неговата основна цел беше зачувување на традицијата и збогатување на туристичката понуда на Крушево, преку имплементирање проекти од областа на одржливиот туризам.