Пишува: Сотир Габелоски

Ова лето за Крушево започна еуфорично, позитивно и со околу 3.000 туристи за еден викенд. Фестивалот на отворено „When in Krusevo“, кој се одржа од 29. јуни до 1.јули, на Крушево му донесе еден исполнет викенд, голема посетеност, промоција на градот. Ако по денот се познава утрото, тогаш ова лето ќе биде одлично за градот, општината и за сите кои ќе го посетат.

Фестивалот „When in Krusevo“ се состоеше од концерти на отворено, меѓу кои Греми наградуваните Inner Circle и харизматичниот Игор Џамбазов, велосипедски, планинарски, ботанички и тури со кајак на Крушевското езеро, часови по јога и кросфит, параглајдинг, посета на историските локалитети во Крушево, планинарска трка и друго. Се’ на се’, во втората година од одржувањето на Фестивалот, организаторите успеаја да го издигнат на многу повисоко ниво во споредба со минатата година и да постават уште повисоки очекувања за наредната година.

Во меѓувреме, во Крушево започнаа и меѓународните параглајдинг натпревари. Се одржа Полското првенство, а од 8-ми јули започнаа Европското и Светско првенство во змејарство. Како надополнување, Општина Крушево работи на исполнување на културната програма за месеците што следат. Паралелно се работи на постојана промоција, со што се очекува бројот на туристи во летниот период да биде зголемен за 25-30%, но и зголемување на вкупниот број на туристи на годишно ниво.

Сепак, целта на Крушево е да стане туристичка дестинација за четири сезони и градот да биде исполнет со настани во текот на целата година. На патот кон остварување на оваа цел, релевантните фактори веќе го гледаат градот како дестинација за авантуристички туризам со сите параглајдинг натпревари, но и со адреналинот кој го нуди околната недопрена природа.

Претворањето на Крушево во целогодишна туристичка дестинација не е лесно, потребни се материјални средства кои Крушево ги има во недоволна количина, но и сериозен пристап и желба кон остварување на целта, нешто што локалната самоуправа покажа дека го поседува. Градоначалникот Томе Христоски и Општина Крушево потврдија дека се подготвени да го дадат максимумот од себе, што заедно со поддршката од централната власт, се причина повеќе да се верува дека целта Крушево да прерасне во целогодишна туристичка дестинација, не е недостижна.