Крушевското езеро и „Гумење“ го враќаат стариот сјај

Крушевското езеро и „Гумење“ го враќаат стариот сјај

Пишува: Сотир Габелоски

Крушевското езеро и месноста „Гумење“ полека стануваат најпопуларните места во Крушево, како за крушевчани така и за туристите. Инвестициите во овој дел од градот придонесоа местото да стане одлична алтернатива и за пролетниот, и за летниот период од годината.

По завршувањето со реконструкција на споменикот „Илинден“ на местото каде што се одржуваат манифестациите „10 дена Крушевска Република“, When in Krusevo, натпревари во фудбал и тренинг кампови, во текот на неколку седмици во фаза на реализација се повеќе активности кои придонесуваат за заживување на овој простор.

Последната реализирана инвестиција, е новиот асфалтен пат до Крушевско езеро. Попладневните часови околу езерото се одлични за прошетка, за искористување на чистиот воздух и тишината. Благодарение на асфалтниот пат, освен младите луѓе, се создадоа можности тука да доаѓаат и повозрасните, лицата со посебни потреби и други граѓани. Реконструкцијата на патот придонесе за популаризација на оваа место, што е особено важно заради туристичкиот контекст кој го има.

Првиот човек на општина Крушево, Томе Христоски, најави дека забрзано се уредува и просторот околу поставените сувенирници и дека за скоро тие ќе им бидат достапни на локалните продавачи и производители на сувенири и други производи. Со започнатиот процес, дополнително ќе се уреди изгледот на самата месност „Гумење“, околината на спомен куќата „Тодор Проески“, споменикот „Илинден“ и музејот на НОБ. Инаку, сувенирниците беа поставени во рамки на проектот за развој на авантуристички туризам финансиран од ЕУ, администриран од Светска Банка и имплементиран од Општина Крушево.

Со донација и асистенција на Стопанска банка АД Скопје, на истата локација се работи и на реконструкција на детското игралиште кое се наоѓа веднаш до влезот на спомен куќата на Тоше. Детското игралиште беше и претходно популарно собиралиште за најмладите, но по реконструкцијата очекувањата се дека тоа ќе биде посетувано од уште повеќе деца и нивните родители.

По таканареченото „корзо“ кое го поврзува „Гумење“ со Крушевско езеро, поставени се нови ЛЕД сијалици, со што местото стана уште побезбедно и попривлечно за вечерни прошетки.

Овој дел од градот, на крушевчани им буди многу убави спомени: преполното со народ „Гумење“, разминувањето со безброј познати и непознати лица по корзото, дегустирањето ќебапи и друга храна во оклните кафеани… Тој дух веќе со години е изгубен, но добро е што ова место полека повторно го враќа стариот сјај и што „Гумење“ и Крушевско езеро повторно стануваат привлечни за крушевчани и за туристите.

Прочитајте повеќе

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Меѓународната организација на трудот (МОТ), која е дел од Обединетите нации, проценува дека 2,4 од …