Кубурот и политичкото самоубиство на власта

Кубурот и политичкото самоубиство на власта

Пишува: Жарко Стеваноски

Низ годините, од независноста до денес, како народ прилично добро се прилагодуваме на методите на владеење кои ги практикува власта и скоро без исклучок докажуваме дека вицот за „македончето“ со кубурот, всушност и не е виц. Наспроти таквата константна реалност која ја живееме, нашите внатрешни пориви да видиме исклучок од правилото за кубурот, никогаш не згаснаа. Иако секогаш се надеваме дека некој друг, а не ние, ќе го извади кубурот од појас и ќе покаже дека приказната може да се одвива во сосема поинаков правец.

Како тоа се случи вицот за „македончето“ да стане наш начин на живеење?

Во далечната 2006 година оваа власт предложи кадровски решенија кои практично беа новороденчиња на политичката сцена, детски наивни и „нерасипани“ по однос на политичките амбиции и статусот кој го стекнуваат со доаѓањето на власт. И што се случи? Се случи комплетна преобразба: довчерашните наивни политички анонимуси прераснаа во сегашните монструми, алчни не само во грабањето народни пари, ами и во намерата да го продолжат дејството на „комплексот на Бог“ кое си го овозможиле низ годините на целосно владеење со институциите, а со самото тоа и со обичниот граѓанин. Притоа, во периодот „пред и потоа“, направивме голем превид за начинот на кој „новороденчињата“ ќе се развиваат во новата средина наречена „власт“.

Неодамнешните препукувања, вклучително и меѓусебниот однос на политичките партии во Прилеп, ме поттикнаа како пример за тоа како власта расипува и како апсолутната власт апсолутно расипува, да го посочам практикувањето на власта во градот под Марковите Кули.

Во 2005 година локалната власт во Прилеп ја презеде нов и за пошироката јавност дотогаш непознат тим, предводен од градоначалник и советничка група кои себеси се претставуваа како млада и прогресивна структура која на прилепчани им ветуваше подобар живот. И ако за првите две години од нивното владеење уште и може да се каже дека функционирале според некаков план и стратегија, сето она што потоа следуваше нема никаква допирна точка со демократијата, уште помалку со економскиот развој на Општината.

На локалните функционери им се запали сијалицата дека тие, всушност, под своја надлежност го имаат и МВР, односно Полициската станица во Прилеп и дека преку тој свој „пендрек“ практично можат да воведат дисциплина кај политичките ривали. Така, го отпочнаа процесот на нивно потчинување, а од прислушуваните разговори чувме на кој начин го правеле тоа: со уцени, закани, местенки…

Една од фазите на „дисциплинирање“ на политичкиот противник беше и воведувањето на Законот за академија на судии и јавни обвинители во 2010 година, преку кој во судството и обвинителството се инфилтрираа бројни „сваровски“ судии и јавни обвинители. И токму тие сега се ставаат во заштита на криминалот на ВМРО-ДПМНЕ, преку игнорирање на вообичаената судска пракса по однос на определување на мерките за обезбедување на обвинетите, т.е. притворот.

Спознавањето на моќта која ја поседуваат ги охрабри, скоро и без „покривање“ да вршат грубо прекршување на Законот за јавни набавки. Со тоа навлегоа и во стопанскиот сектор, преку фаворизирање на одредени стопански субјекти на штета на останатите, кои понизно се обидуваа да ги преживеат нападите на УЈП. Сето тоа резултираше со „пиштење, вриштење и маме е.авање“ на граѓаните, како она кое за прилепчани го нарача нивниот сограѓанин, екс министерот Миле Јанакиески.

Така, со тек на време, голем дел од локалните раководства на опозицијата станаа покорни пред криминалните политики на власта, која според сите карактеристики почна да наликува на режим со сите „нишани“. Тука на припомош прискокнаа медиумите, националните и локалните, кои со класична замена на тезите репресивните мерки ги презентираа како позитивни достигнувања на власта, без да ѝ се остави можност на опозицијата да го сопре креирањето на виртуелната реалност во јавноста.

И токму сега, кога преку проектот „Вистината за Македонија“ и најзакоравените поддржувачи на власта мораа да замолчат пред фактите и разоткривањето на вистинското и грдо лице на власта, ние обичните простосмртници сме доведени во истата ситуација како вицот со кубурот: среде зловреме, ние го чуваме за некое друго поголемо злодоба!

Затоа тебе, обичен човеку, можеби долготрајната власт на една политичка партија и не ти значи многу, но ако размислиш како таа влијае врз средината во која ТИ и ТВОЕТО семејство живеете, несомнено ќе сфатиш дека токму ТИ си „македончето со кубурот“ кое е соочено со дилемата дали да ги спаси „турчињата кои се дават во реката“?

Прочитајте повеќе

Мицкоски ќе нѐ качува на платформа

Мицкоски ќе нѐ качува на платформа

Зошто партиите непотребно прават предизборни програми, принудени да лажат, кога имаат готова програма? Треба само …