Кулеба: Русија користи дезинформации и сајбер напади за дестабилизација на Украина

Кулеба: Русија користи дезинформации и сајбер напади за дестабилизација на Украина

Пред повеќе од двесте новинари од светот, украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, одржа прес конференција, со цел, како што рече, да одговори на три прашања: Како дојде до ескалацијата со Русија, што се случува сега и што може да се направи, извести „Вистиномер“.

Кулеба се осврна на настаните од 2014 година, кога Крим беше анектиран од Русија и тоа во периодот кога Украина се подготвуваше да потпише стратешки договор со ЕУ, од кој потоа тогашниот претседател Виктор Јанукович се повлече во последен момент.

Русија веќе ја нападна Украина. Пред осум години, на крајот на февруари 2014 година, претседателот Путин им нареди на руските трупи да влезат на Крим, а потоа Русија започна војна во источниот регион на Украина, Донбас. Ова беше неиспровоциран и неоправдан чин на агресија на една држава врз друга, рече Кулеба.

Одговарајќи на второто прашање, шефот на украинската дипломатија кажа дека Украина е под постојана закана од Русија, која не користи само воена сила за да изврши притисок врз Украина.

Русија исто така, многу инвестира во дестабилизација на нашата земја однатре. Ова вклучува дезинформации, сајбер напади, лажни закани со бомби, обиди да се сее недоверба и да се предизвика немир кај граѓаните. Обиди да ги подели Украина и нејзините партнери. Руските закани веќе ѝ штетат на нашата економија. Владата на Украина е фокусирана на одржување на финансиската и економската стабилност, изјави Кулеба.

Украинскиот министер за надворешни работи смета дека сега е клучен момент Западот да покаже дека е силен во поддршката на Украина, бидејќи она што се случува околу Украина не е важно само за Украина.

„Западот треба да ги претвори од реактивни во проактивни стратегиите кога се занимава со Русија. Вистинските цели на Русија се многу подалеку од нашата земја. Русија има за цел да го разбие одамна воспоставениот поредок во Европа и евроатлантската област, да ги поткопа нејзините суштински принципи и да ја уништи безбедносната архитектура по Студената војна која обезбеди децениски мирен развој и просперитет за сите Европејци“, смета Кулеба и додава:

Путин и неговите соработници постојано бараат од сите да објаснат, цитирам, „како партнерите ја разбираат својата обврска да не ја зајакнуваат сопствената безбедност на сметка на безбедноста на другите држави“. Крај на цитатот. Ова го бара Русија, земја која ја нападна Грузија и окупира дел од нејзината земја, земја која ја нападна Украина и ги окупираше Крим и Донбас, уби над 14 илјади луѓе во Украина, продолжува со сајбер нападите против други земји, кампањите за дезинформација, вонсудските убиства во земјите од НАТО и ЕУ, рече пред новинарите Дмитро Кулеба.

Украина е на став дека само дипломатијата е одговор, што, како што нагласи министерот, дава резултат и поради фактот што постојано се најавуваа датуми на руски напад, додека руската војска останува од другата страна на границата.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Страв и фрустрација во Иран по нападот врз Израел

Страв и фрустрација во Иран по нападот врз Израел

Светските лидери го осудија големиот ирански напад врз Израел, а многу Иранци се загрижени дека …