По скоро 30-годишна пауза, српската издавачка куќа „Голконда“ ја возобнови легендарната стрип-едиција „Лунов Магнус Стрип“, која своевремено беше едно од најпопуларните обележја на популарната култура во СФР Југославија.
Првото издание на возобновениот „Лунов Магнус Стрип“ (ЛМС) симболично го носи бројот 999. Уредникот на „Голконда“ Бојан Ризниќ во неговиот предговор објаснува дека за нив претставува голема чест и обврска кон публиката што продолжуваат каде што во 1993 година застана новосадскиот издавач „Дневник“, еден од гигантите на југословенското издаваштво. „Голконда“ е основана пред три години и до сега има објавено низа стрип албуми и книги со колекции стрипови.
„НАКРАТКО „ЛУНОВ МАГНУС СТРИП“ СЕ ВРАЌА НА КИОСЦИТЕ, A СЕКОЈ ПРВИ ВО МЕСЕЦОТ ЌЕ ВЕ ОЧЕКУВА НОВ БРОЈ (ИЛИ ДВА) СО ПРЕПОЗНАТЛИВ ДИЗАЈН И ОПРЕМА. ШАРЕНОЛИКАТА ПЛЕЈАДА НА ЈУНАЦИ ЈА ПРЕДВОДИ ЕПИЗОДА НА ВЕЛИКИ БЛЕК (VELIKI BLEK), КАКО ШТО ТОЈ АПСОЛУТНО ГО ЗАСЛУЖУВА. СИМБОЛИЧНО, СЕ РАБОТИ ТОКМУ ЗА ЕПИЗОДАТА КОЈА ПРЕД 30 ГОДИНИ БЕШЕ ПРЕДВИДЕНА ДА СЕ ПОЈАВИ ВО НЕСУДЕНИОТ БРОЈ 999: ЕПИЗОДАТА „КАФЕЗ“ ВО ИЗВЕДБА НА НАШИТЕ ТОЗА ОБРАДОВИЌ И МАРИНКО ЛЕБОВИЌ, ДОДЕКА ЗА СОВРШЕНАТА НАСЛОВНА КОРИЦА СЕ ПОГРИЖИ (СЕГА ВЕЌЕ ЛЕГЕНДАРНИОТ) БАНЕ КЕРАЦ!“ – НАПИША РИЗНИЌ.
Блек е еден од најизвезуваните италијански стрипови, за кој во осумдесеттите години новосадски „Дневник“ започна и сопствена стрип продукција, позната како „Yu Blek“. На неа работеа некои од тогаш најперспективните стрип-автори од скоро цела Југославија. Екипата сценаристи ја предводеа Светозар Тоза Обрадовиќ (1950-2020) и Петар Алаџиќ (1954-2020). Повеќето од цртачите беа од Србија, како Бранислав Керац, Миодраг Ивановиќ – Микица и Павел Коза, но имаше и автори од Босна и Херцеговина како Ахмед Муминовиќ, а од Македонија – Љупчо Филипов (Љубомир Филиповски, 1947-2000).
Првиот број на оригиналната едиција „Лунов Магнус Стрип“ е објавен во 1968 година, а името го добил според тогаш мегапопуларниот главен лик на ткн. „пишувани“ романчиња „Лун, кралот на полноќта“ (Lun, kralj ponoći). Лун беше домашен производ, варијација на тема Џемс Бонд, кој под псевдоним Фредерик Ештон го пишуваше новосаѓанецот Митар Милошевиќ. Во период од триесетина години, ваквите романи постигнуваа тиражи кои се мереа во стотици илјади, со десетици репринти. Изборот на името ја покажува силата на тој бренд.
Парадоксално, стрипови со Лун се немаа појавено како дел од „Лунов Магнус Стрип“ сè до осумдесеттите, кога беше објавено специјално издание надвор од редовната серија, со 30 епизоди. Класичниот ЛМС беше насочен кон објавување италијански вестерн и авантуристички серии: Текс, Загор, Блек и Кит Телер, а во осумдесеттите и Мистер Но и Кен Паркер.
Првиот број од новиот ЛМС во Северна Македонија го има увезено скопската стрип-книжарница „Бункер“. За сега нема информации дали ќе се дистрибуираат и преку трафики. За вториот број е најавена епизода со Кит Телер.
Пред неколку години, еден друг српски издавач, „Весели Четвртак“ ја возобнови и „Златна серија“, втората легендарна стрип едиција на новосадски „Дневник“. Во тој случај, новиот издавач одлучи да почнат повторно од бројот 1. Моментално се стигнати до бројот 38.
Извор: МЕТА