Кумановци утре на протест пред УЈП

Кумановци утре на протест пред УЈП

Јавен повик на група граѓани од Куманово

ЈАВЕН ПОВИК ДО ГРАЃАНИТЕ

Почитувани сограѓани,

Ве повикуваме утре да дојдете на малиот плоштад и заедно да се обединиме во мирен јавен собир, со една јасна цел – да испратиме порака дека граѓаните имаат глас и достоинство.

🕐 Време: од 13:00 до 15:00 часот

📍 Локација: Мал плоштад

✋ Собирот е мирен

🚫 Без блокирање на улици

Ова не е протест против државата.

Ова е протест ЗА правдата.

Сакаме јасно да кажеме дека не сме „овци за стрижење“, ниту граѓани кои ќе молчат кога се газат законите и достоинството. Бараме фер однос, почитување на законите и правна сигурност за сите.

Дојдете мирно, достоинствено и со крената глава.

Дојдете за да покажеме дека кога сме обединети – сме силни.

👉 Споделете го повикот.

👉 Повикајте пријатели, роднини и колеги.

Заедно за правда. Заедно за достоинство.

Во образложението за утрешниот протест кое група граѓани на Куманово го испратија до редакцијата на ПУБЛИКУМ, се вели:

„Ви се обраќаме како група граѓани кои во последниот период се соочуваат со сериозен институционален притисок и неправедно постапување од страна на Управата за јавни приходи (УЈП), во координација со други државни институции.

Најнапред сакаме јасно и недвосмислено да нагласиме дека не сме против плаќање данок, ниту против законско оданочување. Напротив, сметаме дека секој граѓанин треба да ги исполни своите законски обврски. Проблемот е што не бевме навремено известени, а постапките се започнати со задоцнување од речиси пет години, конкретно за периодот од 2020 година.

Голем дел од нас – според неофицијални информации над 90% од засегнатите лица – во 2020 година, но и во другите години, работеа на меѓународни проекти во Ирак и Авганистан повеќе од 4000 граѓани , при што престојувавме надвор од државата по 8, 9, па дури и 10 месеци годишно.

Согласно Законот за персонален данок на доход, лица кои престојувале повеќе од 183 дена надвор од Република Северна Македонија и остварувале приход во странство се сметаат за нерезидентни даночни обврзници и не се должни да плаќаат данок во Македонија за тие приходи.

И покрај оваа јасна законска рамка, се соочуваме со следниве проблеми: УЈП не ги признава доказите што ги поседуваме, како пасоши со печати за влез и излез, од нас се бара официјална потврда од МВР за влез и излез од државата;

МВР официјално одговара дека не може да издаде таква потврда за 2020 година, бидејќи податоците не се достапни, со што товарот на институционалната неажурност целосно се префрла врз граѓаните.

Дополнително, од УЈП ни се укажува дека правилото за 183 дена не се применува поради тоа што сме имале адреса и семејство во Македонија и што не сме биле формално „одјавени“ при излез од државата. Во ниту еден закон, меѓутоа, не постои обврска за формална одјава при привремен излез од државата за работа, ниту пак адресата и семејството можат да ја поништат фактичката состојба дека физички сме биле отсутни и работно ангажирани во странство.

Со ваквото постапување, граѓаните се доведуваат во апсурдна ситуација: една институција бара доказ што друга институција признава дека не може да го издаде, а последиците од ова паѓаат исклучиво врз нас. Ова претставува нарушување на правната сигурност, селективна и ретроактивна примена на постапки, како и сериозен психолошки и финансиски притисок врз многу семејства.

Сметаме дека станува збор за проблем од сериозен јавен интерес, бидејќи засега илјадници граѓани кои чесно работеле во исклучително тешки и ризични услови надвор од државата.“

Прочитајте повеќе

Израел започнува нови напади врз Иран

Израел започнува нови напади врз Иран

Израел започна уште еден „широк“ бран напади врз цели во западен Иран, соопштија израелските одбранбени …