Македонските политички партии треба да ги донесат одлуките кои што се носат по избори, а од наша страна нема да има мешање во понатамошниот тек на настаните, изјави шефот на австриската дипломатија и претседавач со ОБСЕ, Себастијан Курц, кој денеска е во посета на земјава.

Тој истакна дека интересот на Австрија е во Македонија и понатаму да има силен партнер и дека се надева оти земјата ќе ги спроведе потребните реформи и ќе продолжи по патот кон европските интеграции.

– Партиите треба да ги донесат одлуките кои што се носат по избори, како во другите држави, така и во Македонија. Претходно имаше тешка ситуација, тоа е точно, но изборите беа одржани успешно, беа фер и демократски, тоа е позитивно и треба да се истакне. Нашата цел како Австрија е во Македонија и понатаму да имаме силен партнер, да посакуваме стабилност во оваа држава и да се надеваме дека реформите и европскиот курс на земјата ќе продолжат и понатаму. Освен тоа, од наша страна нема да има мешање во натамошниот тек на настаните – рече Курц.

Неговиот домаќин, вицепремиерот и министер за надворешни работи на Македонија, Никола Попоски истакна дека најголемата помош што Македонија може да ја добие од Европската Унија е да се остави волјата на граѓаните изразена преку мандатите во парламентот да одлучи по кој пат ќе оди земјата.

– Би рекол дека најголемата помош која може да ни се даде во услови на успешно спроведени демократски избори, за кои сите имаме ист став дека се кристално чисти, е да се остави волјата на граѓаните преточена преку мандатите во парламентот да одлучи за тоа како во иднина ќе ги носиме одлуките. Ова ќе биде најправилно и на крајот на краиштата ќе биде единственото решение кое го должиме на граѓаните на Република Македонија кои масовно излегоа на последните избори да го кажат својот збор и својот избор. Понатаму треба да се одлучи во овој парламентарен состав од 120 пратеници по кој пат ќе одиме – рече Попоски.

Претходно Попоски и Курц ја посетија „котата 59“ на македонското-грчката граница кај Гевгелија.

Извор: МЕТА