Пишува: Зоран Милошески

Деновиве во посета на Здружението на воени резервни обврзници (ЗВРО) учесници во конфликтот 2001/2002, престојуваа претставници на организацијата Stratagem International од Северна Ирска.

Stratagem International, е консултанска организација за стратешки политички прашања и комуникации, со богато искуство од целиот свет, специјализирана за политички комплексни и несигурни услови. Нивната работа се заснова на искуство и разбирање, односно на тоа дека оние кои живееле, работеле и успеале во нестабилно, несигурно и комплексно опкружување, можат најдобро да им помогнат на клиентите во разбирањето на таквото опкружување.

Присуството на претставниците на Stratagem International, беше можност претседателот на ЗВРО 2001/2002, Рубин Секулоски, да ги запознае гостите со општата ситуација во градот и регионот за време на конфликтот од 2001 година, како и условите во кои егзистира здружението во постконфликтниот период. Тој потенцираше дека околу 5.000 граѓани од Прилеп и поширокиот регион зеле учество во воениот конфликт, но дека во изминатите години општината и државата им свртела грб на бранителите и бескрупулозно ги манипулирала.

„Во изминатите 12 години ја немавме поддршката од минатата власт, ниту на локално ниту на централно ниво. И во такви услови успеавме да опстоиме благодарејќи на огромната желба и ентузијазам на нашите членови, како и на повремената помош кој ја добивавме од неколку фирми и наши пријатели. Материјалната состојба на бранителите е исклучително тешка. Малкумина се вработени, а тие четириесетина кои добија работни места ја земаат минималната плата. Омаловажени сме и заборавени, а најголемото разочарување го доживеавме со објавувањето на прислушуваниот разговор, од кој се гледа како поранешниот премиер Груевски тактизирал со носењето на Законот за бранители. Без и малку срам и патриотизам, тој ги манипулирал бранителите, ги манипулирал оние кои ги жртвуваа своите животи за Македонија. Веруваме дека после позитивниот исход на референдумот, и бранителите ќе си го најдат ‘местото под сонцето’ и ќе го добијат статусот на заслужни и почитувани граѓани “, рече Секулоски.

Квинтин Оливер е директор на Stratagem, компанија која тој ја основал во 1998 година. Тој и неговите соработници веќе 6 седмици се во Македонија и за тоа време, покрај Скопје, ги посетиле и Битола, Штип, Струмица, Велес, Тетово и Прилеп. Во своето обраќање, г-нот Оливер направи кратка анализа на повеќедеценискиот конфликт во Северна Ирска и на патот кој преку тамошниот референдум, доведе до потпишување на мировен договор помеѓу двете завојувани страни.

„Контекстот на конфликтот е секогаш различен. Мојата земја има 2 милиони жители. Тоа е територија на која сакаат да полагаат право и Велика Британија и Ирска. Имаме спор и околу тоа кои јазици ги зборуваме и како да ги заштитиме малцинските јазици, без да се создаде нерамнотежа. Пред 20 години постигнавме еден историски сеопфатен мировен договор, чија цел беше да стави крај на тешкиот 40 годишен граѓански конфликт, во кој животите ги загубија околу 4.000 луѓе.

Потоа дојде моментот кога ние, како граѓани, требаше да го разбереме мировниот договор, кој беше постигнат после 2 години тајни преговори. И од тој процес на разговори и преговори излезе еден голем правен документ, за кој ни беше кажано дека треба да го поддржиме. Но ние не можевме да го поддржиме затоа што политичарите ни кажаа дека така треба, туку моравме самите да го разбереме. И се сеќавам како пред 20 години седев во простории како оваа, со луѓе како вас, читајќи го документот, гледајќи ги одредбите и размислувајќи дали може да го прифатиме или треба да го отфрлиме. Се разбира, имаше различни мислења, разговаравме, дури и се расправавме со часови. Сакавме мир, сакавме да можеме земјата да ја споделуваме заедно со нашите историски противници, а сето тоа да биде мирно и демократски. Сакавме верски слободи и човекови права, сакавме еднаков удел во ресурсите на државата. Се разбира, ги сакавме и економските инвестиции кои ЕУ ги ветуваше“, истакна г-нот Оливер.

Меѓутоа, како што истакнува првиот човек на Stratagem International,  договорот барал и распуштање на полициските сили, што значело и губење контрола врз политичките институции, а истовремено, затворениците кои многумина од нив ги сметале за терористи, требало да бидат ослободени од затвор.

„Луѓе кои убиле член од вашето семејство, кои ви предизвикале многу страдања, одеднаш можеа да излезат на слобода. На нашите непријатели требаше да им биде дозволено да основаат политички партии, да се кандидираат на избори, дури и да станат министри во владата која треба да биде заедничка за сите нас. А тие сѐ уште не беа согласни да го предадат своето оружје, за кое ние се сомневавме дека го кријат во фармите и фабриките. Овие стравови за нас беа многу реални. Постоеше дилема околу тежината на аргументите ‘за’ и ‘против’ договорот, надеж за подобра иднина или страв од нашите традиционални непријатели? Некои луѓе велеа, ‘прости и заборави’. Но знаете дека не е лесно да му се прости на довчерашниот непријател. Затоа, она ‘прости и заборави’ го сменивме во ‘запомни, но промени’. После тоа влеговме во дискусија за референдумот и иако со тешко срце, решивме да го поддржиме гласот ‘за’, бидејќи ги знаевме компромисите, знаевме што добиваме а што губиме“, нагласи Квинтин Оливер.

Првиот човек на Stratagem International, рече дека голема улога во прифаќањето на договорот и помирувањето помеѓу двете страни, имале невладините организации, кои обезбедиле канал за комуникација меѓу двете дотогаш завојувани страни и давале информации за различни инциденти. Г-нот Оливер истакна дека во некои случаи, токму поранешните борци станале најрадикалните бранители на мирот, бидејќи најдобро ја разбираат болката која ја носи војната, но и визијата дека нивните семејства во иднина нема да мораат да се соочуваат со таква болка.

„Ја имам привилегијата да бидам 6 недели овде со вас, додека вие дискутирате за референдумот. Доаѓам од Северна Ирска. Како што гледате, и мојата земја во своето име го содржи зборот ‘северна’. Јас сум Ирец, секогаш ќе бидам Ирец, но местото каде живеам се вика Северна Ирска. Сигурен сум дека и вие секогаш ќе бидете Македонци, каде и да живеете“, поентираше во својата дискусија директорот на Stratagem International, Квинтин Оливер.

Stratagem International е сестринска компанија на Stratagem NI, која покрај другото обезбедува и инфраструктура, донесува капацитети и искуство ширум целиот свет: Африка, Јужна Америка, Блискиот Исток, Азија, Авганистан, Колумбија, Кипар, ДР Конго, Сирија, Ирак, Пакистан, Палестина, Филипини, Либан, Косово и Нигерија.