Лаги во грчки медиуми за луѓе-кукли како корона пациенти и за италијански фармацевт „поумен од светот“

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.

Грчкиот сервис за борба против дезинформациите Ellinika Hoaxes оповргна лажна вест на еден релативно популарен грчки сајт – дека во болниците во САД за да создадат лажна слика за многу пациенти, фотографиираат фантоми во болнички легла. Тврдењето е произлезено од еден видео прилог на телевизијата Channel 4 News за состојбата во Њујорк и потребата од федерална помош за справувањето со Ковид-19 во болниците во градот.

Таму грчкиот сајт видел еден сегмент од прилогот на кој се гледа како пулмолог од Медицинскиот центар на универзитетот Раш од Чикаго, а не во Њујорк, покажува како функционираат апаратите за дишење, коишто се животно важни за сериозно болните пациенти со Ковид-19.

Како што утврдил Ellinika Hoaxes анализирајќи го веб-сајтот на овој универзитет, медицинскиот центар е одлично опремен и во него се врши обука, но наместо на пациенти, на неколку кукли.

Ellinika Hoaxes во друга анализа се зафати и со пренесени дезинформации во грчките медиуми од еден наводен италијански професор – Стефано Монтанари – кој е противник на вакцинирањето и е заговорник на тезите дека новиот корона вирус (SARS-Cov-2 ), кој ја предизвикува болеста Ковид-19, е вештачки создаден и дека нема смисла да се преземаат сериозни безбедносни мерки.

Неговите тврдења биле преземени од неколку грчки веб-сајтови и блогови.

Опсежната анализа на грчкиот сервис за борба против дезинформациите покажува дека Стефано Монтанари е дипломиран фармацевт, кој со неговата сопруга Антониета Гати, инаку физичар по образование, држи нанодијагностичка лабораторија.

Нивните имиња се среќаваат меѓу поддржувачите на антиваксерските тези на Асоцијацијата „Кодакон“, против која во 2017 година италијанското министерство за здравство покренало правна постапка. На крајот, тој не е професор во ниту една образовна установа, туку само бил научен соработник или советник во неколку приватни институции, како што пишува во неговата работна биографија.

Монтанари цврсто верува дека новиот корона вирус е вештачки создаден, за што исто така добил тужба за ширење теории на заговор и ненаучни дезинформации, од научната асоцијација Patto Trasversale per la Scienza (PTS), во врска со негови интервјуа дадени во првата половина на март. Но грчки сајтови сепак ги пренеле неговите тврдења, а Ellinika Hoaxes ги раскринкува едно по едно.

Така, за тврдењето дека само тројца Италијанци починале од вирусот до 17 март, грчкиот сервис за борба против дезинформациите пишува дека според италијанското Министерство за здравство, до 17 март бројката на смртни случаи од корона вирусот била 2.003, а всушност само тројца пациенти немале историјат на други болести – претходни или хронични.

Монтанаро тврдел дека вирусот постојано мутира и дека тој во Италија не е ист вирус како тој во Кина – и дека тој во Германија не е истиот како во Италија. Затоа, рекол тој, секаков разговор за вакцина против новиот корона вирус е измама, оти вирусот мутира и не може да се стаса да се се прават вакцини.

Но тоа, пишува Ellinika Hoaxes, воопшто не одговара на научната вистина, оти иако вирусите мутираат (менување на генетскиот материјал е нешто што го има во сите организми), SARS-Cov-2 нема значителни промени на функционирање, ширење или предизвикување смрт. Дополнително, многу научни студии во светот велат дека секако може да се направи една вакцина против него.

Но теориите на заговор на италијанскиот „професор“ не запираат таму. Тој тврди и оти блокадата и ограничувања на движење ќе убијат повеќе луѓе отколку вирусот и вели дека луѓето треба да се движат и да излегуваат на сонце, оти инаку ќе се јави недостиг на витамин Д и дека италијанската влада прави повеќе зло со блокадите оти затворени дома и луѓето што се во основа здрави ќе добијат сугестија дека се болни, а тоа ќе им наштети на здравјето. Тој тврди и дека седечкиот живот е нездрав, посебно за пензионерите, кои треба да излегуваат надвор и нормално да се шетаат.

Научни основи за вакво тврдење речиси и да нема, пишува Ellinika Hoaxes, а дополнително, меѓународната научна заедница како цело препорачува да се избегнува физички контакт, да се одржува растојание од другите и секако да се заштитат ранливите групи, односно да се избегнува изложување на опасност од заразување со вирусот. Посебно во случајот со пензионерите, како што покажуваат меѓународните статистики, а што се однесува до седечкиот живот, самоизолацијата не мора да биде седење, туку и дома може да се има физичка активност, а и да се вежба.

Исто така, витамин Д може да се добие и на други начини, а не само со изложување на сонце, заклучува грчкиот сервис за борба против дезинформациите.

Прочитајте повеќе

Болсонаро се криел во унгарската амбасада во Бразилија откако му бил одземен пасошот

Поранешниот бразилски екстремно десничарски претседател Жаир Болсонаро минатиот месец поминал две ноќи во унгарската амбасада …