УКИМ Економски факултет

Лани дипломирале 7.753 студенти, најмногу на Економскиот факултет при УКИМ

Додипломски студии на високите стручни школи и факултетите во земјава, минатата година завршиле вкупно 7.753 студенти, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС). Меѓу дипломираните, 58,8 отсто се жени.

Од вкупниот број дипломирани студенти, 84,2 проценти се редовни, додека 15,8 отсто се вонредни студенти. Податоците на ДЗС покажуваат и дека во рок дипломирале 28 проценти од студентите, додека 72 отсто дипломирале по рокот.

На државните високообразовни установи во 2021 година дипломирале 5.630 студенти, додека на приватните со диплома се стекнале 2.022 студенти. Бројот на дипломирани студенти на верските факултети минатата година изнесувал 101.

Статистичките податоци покажуваат дека и минатата година најмногу дипломирани студенти имало на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје, каде дипломирале 2.656 студенти. По него следуваат Државниот универзитет во Тетово (ДУТ) со 1.326 дипломирани студенти и Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип со вкупно 895 дипломирани студенти во 2021 година.

По факултети, најмногу дипломирани студенти произлегле од Економскиот факултет при УКИМ – вкупно 455. Втор според бројот на дипломирани студенти во 2021 година е Факултетот за медицински науки при ДУТ, каде дипломирале 350 студенти.

Студии по медицина, минатата година на сите високообразовни установи завршиле вкупно 902 студенти. Голем интерес за стекнување диплома имало и на филозофските, филолошките и правните факултети.

Атрактивни за студирање се и факултетите за информатика. Само на ФИНКИ минатата година дипломирале 119 студенти, додека дополнителни 40 студенти дипломирале на Факултетот за информатика при УГД.

Кај приватните високообразовни установи, пак, може да се забележи дека минатата година најголем интерес имало за дипломирање на економски науки. Па така, на Економскиот факултет при Универзитетот за туризам и менаџмент – Скопје во 2021 година дипломирале вкупно 218 студенти, додека на Факултетот за бизнис и економија при Југоисточниот универзитет – Тетово се забележани 112 дипломирани студенти.

Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека лани бројот на дипломирани студенти во споредба со 2020 година е зголемен за 12,2 отсто.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Промоција на винил компилација „Поп култура“, во чест на Мирко Попов

Промоција на винил компилација „Поп култура“, во чест на Мирко Попов

Компилациската плоча содржи песни од млади современи македонски поп артисти и беше еден од последните …