Лани препишан есеј на државната матура се бодуваше со 0 поени, но годинава за тоа „се паѓа“ цел испит

Лани препишан есеј на државната матура се бодуваше со 0 поени, но годинава за тоа „се паѓа“ цел испит

Се бориме за објективност, се бориме за правда за децата кои си учат, да не им бидат земени местата на факултет. И тоа го правиме од петни жили, вели директорката на ДИЦ, Билјана Михајловска

Минатата година, ако ученик беше „фатен“ со препишан дел од есејот по мајчин јазик на државната матура, есејот единствено беше бодуван со 0 поени. Но, годинава има ново правило, согласно кое ако се утврди препис во есејот, целиот испит да биде поништен. Ова објаснување за Мета.мк го дава Билјана Михајловска, директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ), по информациите дека за време на полагањето на испитот во саботата, тестот бил фотографиран од некој ученик и споделен во група на вибер.

„Во групата на Вибер имало околу 7.000 ученици. Извесен ученик кој користел телефон го фотографирал тестот. Потоа, бил споделен и одговор на есејот. Ако тој есеј се најде во тестовите, тогаш тоа е препис и целиот испит ќе се бодува со единица и тие ученици ќе мораат да дојдат на полагање во август“, појаснува Михајловска.

Лани препишан есеј на државната матура се бодуваше со 0 поени, но годинава за тоа „се паѓа“ цел испит
Билјана Михајловска, директорка на Државен испитен центар. Фото: ДИЦ

Според правилата, оценувачот може да предложи поништување во случај ако најде два идентични текстови кај двајца ученици и кога ќе види дека е користен надворешен извор.

„Тестот по мајчин јазик не беше пробиен, туку беше фотографиран и споделен. За споделување, одговорноста не е на ДИЦ. Ние ќе бевме одговорни ако пред полагањето тестот беше пробиен од некој од внатре од институцијата“, појаснува Михајловска.

Таа информира дека на полагањето во саботата биле фатени ученици кои користеле телефони и на кои веднаш им бил поништен испитот.

„Веќе сме доволно строги со тоа што од годинава за препис се поништува целиот испит. Затоа, единствено што треба да се прави е да се почитуваат правилата. Да се падне на испит е сериозно“, додава директорката.

Оценувањето на тестовите по мајчин јазик ќе започне на 10 јуни. Оценувачите ќе оценуваат во училиштата, а тој процес ќе го координираат вработени во ДИЦ. Има три нивоа – оценувач, лидер на група на оценувачи и главен оценувач. Главниот оценувач го има крајниот збор за оценката на ученикот, во случај да не се постигне согласност околу оценката.

„Годинава користењето на телефоните беше драстично намалено. Се бориме за објективност, се бориме за правда за децата кои си учат, да не им бидат земени местата на факултет. И тоа го правиме од петни жили. Нема смисла некои поединци да создаваат слика дека не функционира системот“, смета Михајловска.

Таа апелира до тестаторите, на престојниот испит по странски јазик и математика да си ја завршат работата бидејќи, како што вели, ако дозволат препишување, со тоа не им прават услуга на учениците.

„Препишувањето ќе им донесе единица“, нагласува Михајловска.

Минатата година, околу 3.000 матуранти беа фатени како препишуваат на испитот по англиски јазик. Препишаните есеи им се бодуваа со 0 поени. Токму поради тоа, од годинава испитот се полага во холови и во сали.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

полиција полицајци

Двајца полицајци се сомничат дека примиле поткуп за да не констатираат сообраќаен прекршок

Тие се сомничат дека на 04.07.2024 околу 23.00 часот на ул.„Даме Груев“ во Скопје, при …